1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на заложничката драма во хотелот во Буркина Фасо

ЕМФ/ртр/дпа/афп/ард16 јануари 2016

Заложничката драма во еден хотел во Уагадугу, Букрина Фасо, е завршена: безбедносните сили ослободија 126 лица и убија четворица терористи. Според Министерството за внатрешни работи, сега е нападнат втор хотел.

https://p.dw.com/p/1HeaA
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Ouoba

Безбедносните сили на Буркина Фасо го имаат под контрола хотелот „Сплендид“ во главниот град на земјата Уагадугу, кој беше заземен од исламистички екстремисти. Владата соопшти дека заложничката драма е завршена, дека се ослободени 126 лица и убиени четворица терористи. Терористите го нападнале хотелот, кој инаку е омилен меѓу странците во Уагадугу, и притоа убиле најмалку 23 лица. Претседателот на Буркина Фасо, Марк Кристијан Каборе, го осуди „грозоморниот“ напад. Според Министерството за безбедност, жртвите се од 18 различни држави. Што се однесува до напаѓачите, според досегашните информации, станува збор за двајца мажи и две жени.

Нападнат втор хотел

Министерството за внатрешни работи на Буркина Фасо соопшти дека е нападнат и втор хотел и дека таму операцијата на безбедносните сили е сѐ уште во тек. Во хотелот „Јиби“ е убиен еден од терористите.

Инаку, во операцијата за ослободување на заложниците во „Сплендид“ учествувале и странски специјалци. Просторот околу хотелот е блокиран, а воведен е и ноќен полициски час, напиша францускиот амбасадор Жил Тибо на Твитер.

Одговорност за нападот презеде крило на терористичката организација Ал Каеда. Според пораката на Ал Каеда објавена на интернет, нападот во Уагадугу го спровеле борци на групата Ал Мурабитун. Тоа е група која досега оперира пред сѐ во Буркина Фасо и во соседната држава Мали. Таму, на крајот на ноември, во главниот град Бамако беше извршен сличен напад. Тогаш загинаа 20 луѓе, а до денес не се познати детали за заднината на нападот.