1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе биде градоначалник на Сребреница?

Маринко Секулиќ
12 октомври 2016

Младен Грујичиќ веќе се прогласи за победник, додека Ќамил Дураковиќ најавува жалба поради изборни манипулации

https://p.dw.com/p/2R913
Bosnien und Herzegowina - Die Wahlen in der bonischen Stadt Srebrenica
Фотографија: DW/M. Sekulic

Според последните, прелиминарни, неофицијални и некомплетни резултати од локалните избори во Сребреница, објавени на официјалната страница на Централната изборна комисија на БиХ, ЦИК, Младен Грујичиќ освоил 63,82, а Ќамил Дураковиќ 35,98 проценти гласови. Конечните резултати според некои проценки ќе бидат објавени кон крајот на неделава. Младен Грујиќиќ веќе се чувствува како победник, а Дураковиќ во изјава за Дојче веле истакнува дека уште не е се‘ конечно и ќе ги чека конечните резултати.

Дураковиќ и претходно изразуваше сомнение во изборен инженеринг организиран со доаѓање на гласање во Сребреница на голем број луѓе од Србија. „Ако има правда, ЦИК би требало да ги поништи резултатите од изборите во Сребреница. Самиот факт дека преку 50 проценти од гласачите на Младен Грујичиќ  дошле од друга држава, за мене е доволно да заклучам, од морален аспект, дека изборите не се легитимни. Очекувам ЦИК да постапува во склад со законот, а не според политички инструкции“, вели Дураковиќ.

Тој нагласува дека до нарушување на изборниот интегритет во Сребреница дошло со упадот на припадници на МВР од Република Српска во општина Сребреница, поради што и Партијата за демократска акција, СДА, побара поништување на изборите во Сребреница. Во јавноста пак кружат гласови дека Ќамил Дураковиќ во трката за началничка функција имал влијателни кочничари во редовите, па дури и во врвот на СДА, за што тој најави дополнително изјаснување.

Многумина пак коментираат дека Младен Грујичиќ не е прифатливо решение за Сребреница, со оглед што станува збор за личност која ги велича воените злосторства. „Сите знаат дека тој ги величаше Ратко Младиќ и Војислав Шешељ. Не е проблем што е Србин, туку проблем е што е Младен таков каков што е. Времето ќе покаже оти тој не е прифатливо решение за Сребреница“, рече неодамна Дураковиќ.

Грујичиќ како градоначалник на општина Сребреница е неприфатлив и за членовите на здруженијата на жртвите од геноцидот. „Загрижени сме од фактот што предизборната кампања за Младен Грујичиќ ја водеше Војислав Шешељ и неговата Српска радикална партија. Градоначалник на Сребреница не може да биде личност која го негира извршениот геноцид во овој град, а тоа е токму Грујичиќ“, изјави вчера (11.10.2016) во Сараево претседателката на здружението „Мајките на Сребреница“, Хатиџа Мехмедовиќ.    

Bosnien und Herzegowina - Die Wahlen in der bonischen Stadt Srebrenica
Фотографија: DW/M. Sekulic

Навивачка атмосфера

Навивачката атмосфера, свесно создадена првенствено од СНСД и СДА, неминовно доведе до национална поларизација,ставајќи го во прв план прашањето - кој ќе биде градоначалник на Сребреница, Бошњак или Србин. За подобрите познавачи на приликите во Сребреница, тоа е сеедно, зашто ништо нема да се промени на подобро. Може да биде само полошо, зашто судејќи според сѐ, мнозинството пратеници, а со тоа и власта, ќе ја делат како и години досега, СНСД и СДА. Кој и да биде началник, ќе мора да ги спроведува одлуките на пратениците од овие партии изгласани во општинскиот парламент. Влијанието на оваа коалиција најдобро на свој грб, посебно оваа година, го почувствува актуелниот началник Ќамил Дураковиќ.

Во подрачјето на Сребреница, а тоа е податок околу кој сите се согласуваат, постојано живеат само околу 7.000 жители, од кои отприлика 51 насто се Бошњаци. Според официјалните списоци, право на глас имаа 13.119 гласачи и сомневањата тргнаа токму од тоа.

Предизборната кампања за локалните избори беше во сенка на референдумот во РС и во Сребреница не се осети многу. Стартот беше во знак на поделбата по национален клуч, со истакнување двајца т.н. независни кандидати. На една страна сите партии со српски предзнак во коалицијата Заедно за Сребреница ја поддржаа кандидатурата на Младен Грујичиќ како свој кандидат, додека на другата страна сите т.н. пробосански партии ја поддржаа кандидатурата за втор мандат на Ќамил Дураковиќ.

Предизборните кампањи на Дураковиќ и Грујичиќ во самата Сребреница не беа агресивни. Младен Грујичиќ им се претстави на граѓаните на првиот ден од кампањата, која Милорад Додик и СНДС ја почнаа од Сребреница. Ќамил Дураковиќ се појави на заедничкиот собир на коалицијата СДА, СББ и СЗБиХ, својата кампања тој главно ја водеше преку социјалните мрежи и повремени медиумски настапи, додека Грујичиќ кон потенцијалните гласачи се обраќаше и на предизборните митинзи во Србија.

Неволји по прогласувањето победа

Сѐ наизглед беше мирно и нормално, па и самите избори протекоа без ниеден инцидент. Тензиите избија на крајот на изборниот ден, по затворањето на гласачките места, кога Младен Грујичиќ прогласи своја победа. Неговите приврзеници тоа бурно го прославија во кафуле во центарот на Сребреница, близу изборниот штаб на Ќамил Дураковиќ. Почнаа вербални искри, малку недостасуваше да дојде до судир и поголеми проблеми, што беше спречено со брзо распоредување на полицијата меѓу двете сопернички групи. Потоа во градот завладеа мир, за следниот ден да почнат првите несогласувања околу бројот на добиени гласови.

Во зградата на општината упадна специјалната полиција на Република Српска, како што беше соопштено, за да го обезбеди изборниот материјал. Општинската изборна комисија изјави дека под притисок ја прекинала работата, па потоа повторно ја продолжила. Потоа дојде до разијдувања по национална линија, зашто двете страни не можеа да се согласат околу жалбите за работата во пет избирачки места. ЦИК одлучи материјалот од петте избирачки места да се брои во Сараево, а не во Сребреница, како што бараа српските претставници во Општинската изборна комисија. Во очекување на конечните резултати, двајцата кандидати за градоначалник на Сребреница повеќепати се огласуваа во медиумите  и дури тогаш изнесоа аргументи кои требаше да бидат чуени во предзборната кампања, зашто тогаш немаше вистинско соочување и заеднички настап на двајцата, ниту во медиумите, ни во живо на некој собир.

.