1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

190310 Kundus Untersuchungsausschuss

19 март 2010

Германскиот министер за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг се наоѓа под зголемен притисок. Двајца блиски соработници го обвинија дека ја излажал јавноста околу инцидентот со двете киднапирани воени цистерни во Кундус.

https://p.dw.com/p/MWr6
Не ги добил сите информации: министерот Гутенберг на прес-конференција во ноември 2009Фотографија: AP

Пред парламентарната истражна комисија за испитување на случајот вчера сведочеа клучните сведоци: разрешениот началник на Генералштабот, Волфганг Шнајдерхан и државниот секретар во Министерството за одбрана, Петер Вихерт. Како генералот Волфганг Шнајдерхан, така и државниот секретар Петер Вихерт не го кријат незадоволството од поранешниот шеф. Тогаш уште новопечениот министер за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг имено ги отпушти и двајцата, префрлајќи им ја вината за погрешната проценка на ситуацијата. Тој прво оцени дека бомбардирањето на двете киднапирани цистерни било „соодветен и неопходен чекор“, за кусо потоа да изјави дека не било соодветно. Пред истражната комисија на Бундестагот обајцата решително ги отфрлија обвинувањата на Гутенберг. Доколку тие се во право, тогаш министерот лажел, изјави по јавната седница на истражната комисија пратеникот на опозиционата Партија на левицата, Јан ван Акен: „Изгледа дека министерот за одбрана Гутенберг лажел. Тој во повеќе наврати рече дека не му биле доставени извештаи, а сега двајца сведоци многу веродостојно изјавија дека тое не било така. Мислам дека можеме да сметаме со тоа дека нему навистина му стоеле на располагање сите извештаи, затоа не разбирам како министерот може и понатаму да тврди дека не му биле дадени...“

Generalinspekteur Wolfgang Schneiderhan Bundesverteidigungsminister Karl-Theodor zu Guttenberg ISAF-Kommandeur Stanley McChrystal
Началникот на Генералштабот Волфганг Шнајдерхан (десно) со министерот Гутенберг и главниот командант на ИСФА силите МекКристалФотографија: AP

Партиска диоптрија

За разлика од пратеникот на опозиционата Партија на левицата, членот на комисијата од редовите на владеачката партија ЦДУ, Ернст-Рајнхард Бек го зема во одбрана министрот Гутенберг: „Очигледно е дека отпуштањето на двајцата им дошло како непријатно изненадување и во нивните изјави можеше да се почувствува навреденост. Во овој случај министерот очигледно немал повеќе доверба во нив, но довербата не е правно релевантна.“

Zapfenstreich für Schneiderhan und Wichert 2009
Крај на кариерата: Гутенберг на простувањето со воени почести од Шнајдерхан и Вихерт во демекври 2009Фотографија: picture-alliance/dpa

Генералот Шнајдерхан и државниот секретар Вихерт на сослушувањето понудија голем број податоци за начинот на информирање околу инцидентот во Кундус. Тоа остава впечаток на издржаност и доверба, се сложува и пратеникот на владеачката партија, Бек: „Ја оценувам нивната изјава како многу прецизна и многу уверлива, што се однесува до деталите. Според господинот Вихерт истовремено биле информирани и другите министерства и кабинетот на канцеларката.“

Ќе сведочи и министерот

Сепак, пратеникот Ернст-Рајнхард Бек се обидува да му помогне на сопартиецот Гутенберг, така што вели дека одговорноста на министерот не е централното прашање со кое се занимава истражната комисија. Поважно е дали наредбата за бомбардирање на киднапираните цистерни во Кундус била издржана одлука или не. Во секој случај повеќе светлина на овој замрсен случај јавноста ќе добие дури по сослушувањето на надлежниот министер Карл Теодор цу Гутенберг на 22 април.

Автор: Хајнер Кизел/Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска