1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој војува против кого во Сирија?

Грета Хаман / З. Јордановски30 јануари 2016

Од 2011 година во Сирија се води крвава и непрегледна граѓанска војна. Сега треба повторно страните во конфликтот да седнат на мировни преговори. Кои се воопшто актерите во сириската воена драма?

https://p.dw.com/p/1Hje7
Припадник на сириската армија го покажува амблемот со ликот на АсадФотографија: picture-alliance/dpa/Dmitriy Vinogradov

Режимот на Асад

Во 2011. година десетици илјади Сиријци излегоа на улични протести против властодржецот, претседателот Башар ал-Асад, кои долго време беа ненасилни. Асад возврати со масивна примена на сила и ја ангажира армијата против сопственото население. Дел од демонстрантите се вооружи и беа формирани милиции.

Кога конфликтот ескалира, многумина од војниците дезертираа или пребегаа кај бунтовничките групи. Во 2009. година сириската армија наводно броела 325.000 војници, а во 2013. останале само околу половина од таа бројка. Во меѓувреме на Асад му е неопходна помош од странство, иако од сите сириски актери во војната единствено неговите сили располагаат со воено воздухопловство.

Сојузници на режимот

Иран го поддржува режимот уште од почетокот на востанието против Асад. Соседот испраќа илјадници војници, првенствено членови на неговите Револуционерни бригади, како и платеници. Специјалниот пратеник на ОН за сирискиот конфликт Стафан де Мистура проценува дека Иран за поддршка на Асад троши 6 милијарди долари годишно; други експерти одат и до 20 милијарди.

Хезболах, шиитска милиција од Либан, тесно поврзана со Иран и финансирана од него, се бори на страната на Асад. Тоа се втори го големина трупи на страната на сириските власти.

Русија е важен партнер на Дамаск. Од крајот на 2015. година Русија врши напади од воздух - според официјални наводи против „Исламската држава“ (ИД). Набљудувачи критикуваат дека Русија бомбардира и подрачја кои се под контрола на бунтовниците од Слободната сириска армија и оти притоа редовно страдаат и цивили.

Дефинитивното решение за учество на новите мировни преговори владата на претседателот Асад го услови со тоа кои опозициони групи би учествувале во преговорите.

Syrien FSA-Kämpfer
Борец на Слободната сириска армијаФотографија: Reuters/A. Al-Faqir

Противници на Асад

Слободната сириска армија (ФСА) првобитно се формира од демократски опозициони групи за заштита на населението. Таа не е армија во вистинска смисла на зборот, ниту има единствено раководство. Групи на ФСА контролираат големи делови на земјата на северозападот, како и на југот на Сирија. Таму луѓето се обидуваат да градат цивилно општество, и покрај буре-бомбите, со кои секојдневно режимот на Асад ги бомбардира населените подрачја и инфраструктурата. Со оглед на тоа дека групите на ФСА не добиваат некаква меѓународна поддршка, многумина борци преминаа кај други актери во војната.

Затоа, пак, има дотолку повеќе исламски донатори, што на исламистичките групи им обезбеди прилив на борци во борбата против режимот.

Џаиш Ал-Фатах спаѓа меѓу поголемите воени сојузи. Во него се здружени умерени и екстремистички групи. Меѓу нив е и радикалниот Фронт Ал-Нусра, сириски „оддел“ на Ал-Каида. Тука е и поумерената исламистичка милиција Ахрар ал-Шам. Кај многу од милициите од составот на Џаиш Ал-Фатах со години се борат и џихадисти од Јордан, Алжир, Авганистан, Чеченија и други земји.

Голема несогласност владееше околу прашањето кои опозиционо групи смеат да учествуваат во мировните преговори. Саудиска Арабија се залагаше и за групи како Ахрар ал-Шам, додека Русија вршеше притисок за вклучување на поумерени групи, кои се толерирани од страна на Дамаск.

Dschihad-Kämpfer im Irak
Борци на ИДФотографија: picture-alliance/AP Photo

„Исламистичката држава“ (ИД)

Терористичката милиција „Исламска држава“ (ИД, Даеш) првобитно се формира во Ирак по повлекувањето на американската војска. По почетокот на востанијата во Сирија, ИД го искористи хаосот на сириската војна и зазема големи делови од земјата. ИД контролира големи области првенствено на североистокот на Сирија, околу градот Рака. Цел на ИД е воспоставување калифат. ИД во голем дел се финансира од продажба на нафта, покрај другото и во Турција. Со нападите од воздух од страна на руската армија и на воениот сојуз предводен од САД се уништени многубројни нафтени полиња и патишта за транспорт. Тоа ја стави терористичката организација под финансиски притисок.

Сите страни предвидени за учество на мировните преговори отфрлаат присуство на ИД на разговорите.

Kurdische Kämpfer Tel Abyad
Унијата за заштита на населението има околу 50.000 борциФотографија: Reuters/R. Said

Курдски единици за заштита на народот

Значајни актери во војната во Сирија се и курдските трупи, кои играат важна улога во сузбивањето на ИД. „Унијата за заштита на населението“ има околу 50.000 борци - мажи и жени. Таа е вооруженото крило на најважната курдска група во Сирија - ПИД, која е сириски „оддел“ на партијата на Курдите во Турција ПКК (Работничка партија на Курдистан). САД и ЕУ ја дефинираат ПКК како терористичка организација. „Унијата за заштита на населението“ делумно кооперира со сирискиот режим, но понекогаш и со неговите противници. Во полелдно време дојде до судири со бунтовничките групи во Алеп.

САД ги сметаат Курдите за важен партнер во борбата против ИД и ги поддржуваат како со нападите од воздух, така и со логистика и испорака на муниција. Тоа уште повеќе ја компликува војната во Сирија. Иако Турција е на страната на САД во сузбивањето на ИД, сепак истовремено ги напаѓа и Курдите во Сирија. Курдите имаат поддршка и од Русија.

Турција одбиваше учество на курдските милиции во претстојните мировни разговори, додека за Западот тие се важни сојузници во борбата против џихадистите.

Luftangriffe der USA gegen IS
Американски авион над сирискиот град КобанеФотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Ghirda

Воениот сојуз предводен од САД

Од 2014. година меѓународна воена коалиција предводена од САД врши напади од воздух против ИД. Коалицијата ја сочинуваат 60 држави, меѓу нив и Франција, Велика Британија, Германија, Турција и Саудиска Арабија. Но, во нападите од воздух не учествуваат сите 60 земји. Германија, на пример, презема само извидувачки летови и помага во обуката на курдски борци во Ирак.