1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ги контролира џихадистите повратници од Сирија?

Катерина Блажевска24 март 2016

Јавно е соопштен податок дека во Македонија има 72 повратници од сирискиот фронт, но нема одговор какви мерки се преземени против нив и дали во таа бројка спаѓаат и приведените во акцијата „Ќелија“?

https://p.dw.com/p/1IIdy
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Само во Македонија имаме 72 повратници, лица што учествувале на боиштата. Отишле како екстремисти, се вратиле како терористи“, соопшти деновиве претседателот Ѓорге Иванов во контекст на терористичките напади во Брисел, уверувајќи ги граѓаните дека треба да бидат спокојни, бидејќи безбедносните служби успешно се справуваат со сите закани. Податокот за бројот на повратници не е нов. Слична бројка шефот на државата посочи и минатата година: „Од Македонија има 110 борци во Сирија, 25 загинале, а 69 се вратиле во земјата“.

Кога податоците се повторуваат, односно бројките на повратници не се намалуваат, прашањето е што преземаат безбедносните служби? Можеби поради суптилноста на информациите, од МВР не добивме одговор какви мерки се преземени против нив и дали во таа бројка спаѓаат и лицата кои беа приведени во полициската акција „Ќелија“?

Подготвеност за брза реакција

Во недостиг на конкретни информации, безбедносните експерти фокусот го ставаат на превентивата. Воено-политичкиот аналитичар Благоја Марковски смета дека бројката на повратници ќе се зголемува заради суровоста на условите на војувањето, но и заради конкретни цели поврзани со матрицата на џихадизмот.

„Сите овие повратници, ако не се ресоцијализираат, претставуваат потенцијална посредна и непосредна безбедносна опасност за Македонија. Посредната опасност е во нивното мобилизирање, пропагирање и врбување нови борци за боиштата во Сирија. Непосредната опасност, пак, е директна закана по безбедноста на земјата изразена низ терористички и друг вид организирани или поединечни насилни дејства и напади врз личности, витални објекти и инфраструктура. Откако земјите од балканската рута ги затворија границите за мигранти, Македонија треба да биде внимателна и подготвена за брза реакција. И екстремистите и одредени истурени структури на Исламската држава преку мобилизирање за терористички напад во регионот, можат да предизвикаат и неповолна безбедносна состојба и поголема дестабилизација. На ова може да им оди во прилог и растргнатоста на дел од безбедносните структури, ангажирани во справувањето со бегалската криза на јужната и на северната граница“, вели Марковски.

Ангажманот на безбедносните сили и натаму во голема мера ќе биде насочен на границата, со оглед дека вчера беше поддржан предлогот за продолжување на кризната состојба на јужната и северната граница и по 15 јуни. Првата одлука за прогласување кризна состојба поради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти, беше донесена во август минатата година со важност од 30 дена, по што следуваше продолжување на рокот.

Неопходна е безбедносна проценка

Може ли граѓаните да бидат спокојни, по сознанието дека во земјата има 72 повратници од воените жаришта?

„Ако надлежните служби од областа на безбедноста дојдат до сознанија за вакви лица, треба да обезбедат валидни оперативни и правно-релевантни факти за нивното учество во странски воени и паравоени формации во насока на нивно процесуирање - поднесување кривична пријава и натамошно гонење од страна на обвинителството“, вели д-р Томе Батковски, професор на Факултетот за безбедност. Според него, треба да се има предвид дека Македонија е во регион што е означен како една од регрутните бази на екстремни исламистички организации, што значи дека кон овој факт треба да се има многу сериозен безбедносен однос. Поради тоа, потребна е темелна безбедносна проценка за заканата кон Македонија од поединци и организации, од позиции на исламскиот фундаментализам.

„Врз основа на таа проценка, неопходно е надлежните служби да реализираат комплекс од оперативни мерки за навремено откривање, следење, документирање и спречување на сите активности што спаѓаат во кривични дела против државата. Во тие рамки спаѓаат и активности насочени кон лицата што се во синџирот на планирање и реализирање на терористички напади - од регрутирање поединци, преку нивна терористичка обука и индоктринација, до непосредно извршување терористички акции. Основна задача на секоја држава е навремено да оневозможи реализирање финален терористички акт во некоја од подготвителните фази. На тој план, мора да биде реализирана постојана соработка со безбедносните служби на непосредно соседство и поширокиот регион, како и со службите на САД, Русија и Турција“, посочува Батковски.

Претседателот Иванов во неколку наврати се пожали дека токму таквата соработка не функционира и покрај напорите на Македонија.

„Моите критики беа упатени токму на тоа. Да се менуваме и како држави и како служби, и секогаш да бидеме чекор пред сите закани. Службите мора да соработуваат на безбедносен план и да разменуваат информации. Да не им робуваме на бирократските процедури - не сме биле во ЕУ, не сме имале право на пристап до базите... Ние тоа го нудиме за безбедноста на континентот и на другите земји во ЕУ, кои и во иднина ќе се соочуваат со терористички напади и закани. Но, не само во Европа, ова е планетарен феномен“, рече Иванов.

Десетина лица паднаа во „Ќелија“

Во Македонија во тек е судски процес против лица обвинети за регрутирање борци на сириско-ирачкиот фронт, кои беа уапсени во оперативната акција „Ќелија“ што започна на 6 август минатата година. По повеќемесечна координирана истрага беа собрани докази дека тие учествувале во паравоени формации, врбувале и поттикнувале лица да се приклучат во нив и собирале финасиски и логистички средства. Во акцијата беа извршени 28 претреси во Скопје, Гостивар, Тетово, Куманово и Струга и првично беа уапсени 9 лица, а по неколку месеци уште четири. По 20 лица се уште се трага. Од МВР нема одговор дали тие се дел од утврдената бројка од 72 повратници или надвор од неа.

Македонија досега во неколку наврати преку прогласи од борци на ИД, беше посочена како можна мета на напади. Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, смета дека земјата засега е стабилна и нема информации дека е можна цел на терористички напади. Активностите, според него, треба да се насочат кон превенција.

„Не ни е потребна парадна манифестација на сила, туку мобилизација на разузнавачките капацитети и соработка со моќните служби заради рано предупредување и превенција. Кон учесниците во конфликтот во Сирија, освен нивно безбедносно покривање, неопходно е вклучување на верските заедници, влијателни личности, невладиниот сектор, партиите и медиумите за нивна социјализација и одвраќање од некои активности со кои можат да ја загрозат безбедноста на граѓаните“, сугерира Трајанов.

Повеќето експерти се согласуваат дека класичните безбедносни мерки пост-фестум даваат помалку резултати ако не им претходи превентива. Сметаат дека заштитата од екстремизам е најголема преку социјални мерки кои демотивираат насилство. Кругот на насилство може да се пресече ако младите преку вработување се мотивираат да ги заменат бесперспективноста и посегнувањето по оружје со работна алатка. За ресоцијализација на повратниците уште минатата година апелираше и поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи. Тој се заложи за конкретна програма според искуствата од Швајцарија и Германија, каде верски лица помагале при ресоцијализација на осудени за учество во војни во странство.

„Целта е да се работи со нив и додека се на издржување на затворската казна. Нашата програма може да се оживотворува и во затворите, на еден организиран легален и легитимен начин. Треба навистина да го вратиме човекот на вистинскиот колосек“, изјави Реџепи.

Според неофицијални податоци, околу 3.000 лица кои учествувале во борбите во Сирија, како повратници се наоѓаат на територијата на ЕУ. При нивното враќање голем дел од нив ја користеле балканската рута. Тоа беше утврдено и за дел од лицата кои минатата година учествуваа во терористичките напади во Париз.