1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коѕиас во Скопје: Спорот во сенка на градењето довербата

31 август 2017

Шефот на грчката дипломатија ќе има бројни средби со македонските домаќини, а најавен е и мирен протест од организации кои бараат власта и опозицијата во Македонија еднаш да повлечат „црвена линија“ во спорот за името.

https://p.dw.com/p/2j7s2
Pressekonferenz Deutschland Griechenland Außenminister Frank-Walter Steinmeister Nikos Kotzias
Грчкиот министер Коѕијас пред македонското МНР ќе биде дочекан со мирен протестФотографија: AFP/Getty Images/O. Andersen

Билатералната соработка меѓу двете земји, бројни прашања од заемен интерес и имплементацијата на мерките за градење доверба, како и на заклучоците од нивното шесто продолжение одржано на 29 август во Атина, ќе бидат теми на денешната средба на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас со неговите македонски домаќини.

Пред зградата на Министерството за надворешни работи, грчкиот министер ќе биде дочекан со мирен протест на организациите „Македонски Манифест“ и „Светски Македонски Конгрес“, кои вчера имаа отворено обраќање до македонската Влада и до опозицијата, со барање тие еднаш засекогаш цврсто да ја постават црвената линија во спорот за името.

„Сме биле, сме и ќе бидеме Македонци и Македонија, вечно, од исконот до бескрајот. Името на државата е идентитетот на нацијата! Со сите разлики меѓу нас Македонците, само Македонија е нашиот единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот единствен заеднички содржател! За жал, ЕУ и НАТО три децении од осамостојувањето нѐ уценуваат и дискриминираат. Прво мораме да имаме самопочит кон себе, за другите да нѐ почитуваат. Повлечете ја црвената линија, како наше природно, неотуѓиво право на самоопределување и самоидентификација. Македонците, по потекло и државјанство, во апсолутно мнозинство, на референдумот одржан на 8 септември 1991 година гласаа 'за суверена и самостојна држава Македонија' без додавки и без придавки, одлуката на референдумот за сите по Устав е задолжителна!“, се вели во обраќањето.

Под ПЈРМ во НАТО

Ни за додавки, ни за придавки: на денешната средба нема да се разговара за спорот за името, но се очекува изградените мерки на доверба во иднина да ги релаксираат разговорите кои би воделе кон решение на отвореното прашање. Тоа прашање на дневен ред ќе се најде по звршувањето на локалните избори, а се очекува да се интензивира до пролетта 2018 година. Во изминативе неколку месеци и македонски и грчки медиуми пренесоа дипломатски навестувања дека паралелно со заложбите за решавање на спорот за името, Македонија може да стане членка на НАТО под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија, што од страна на грчки политичари беше оценето како нешто со кое Атина нема да се согласи.

Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Димитров: Македонија, согласно со Времената спогодба, е подготвена да прифати покана под привремената референца која се користи во ООН, за да влезе во АлијансатаФотографија: Reuters/C. Baltas

Во пресрет на средбата со неговиот грчки колега, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вчера изјави дека „Македонија согласно со Времената спогодба е подготвена да прифати покана под привремената референца која се користи во ООН, за да влезе во Алијансата“.

Дали мерките на доверба ќе го омекнат тврдиот грчки став по ова прашање или тој ќе биде покриен со потребата од итно безбедносно стабилизирање на регионот? Вакви пораки (ин)директно стигнаа и од вчерашната конференција, организирана од Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при МНР, во соработка со Европскиот центар за безбедносни студии Џорџ Маршал, на тема „Македонија кон полноправно членсто во НАТО“.

„Алијансата не смее да дозволи кој било да прави пречки на иднината на Балканот како интегрален дел од трансатлантскиот свет. Обединувањата и стабилизацијата на европскиот континент ќе останат недовршени без интеграција на нашиот регион“, порача министерот Димитров.

Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Македонскиот министер Димитров ја посети Атина на средината од јуниФотографија: Reuters/C. Baltas

На конференцијата, на која се дискутираше и за чекорите преземени за подобрување на добрососедските односи - преку потпишувањето на Договорот за добрососедство со Република Бугарија, така и со новиот позитивен пристап и дух во односите со Грција, амбасадорот на САД, Џес Бејли, нагласи дека Македонија ја има целосната поддршка на САД за заложбите во интерактивните процеси. И амбасадорот на СР Германија, Томас Норберт Герберих, истакнувајќи го придонесот на Македонија во односите со соседите и регионалната стабилност, истакна дека СР Германија ќе продолжи да ја поддржува Македонија во евроатланскиот интегративен процес, кој е од интерес за сите држави во регионот.

Важноста од препознавање на моментот

Дали Атина „ќе го препознае и поддржи новиот момент во Македонија“, како што очекува министерот Димитров? Тоа ќе се насети уште денес, по првите изјави што тој и Коѕијас ќе ги дадат напладне. Од 10:30 часот двајцата ќе имаат получасовна тет-а-тет средба, по што ќе следи и едночасовна пленарна средба меѓу делегациите. На средба на ниво на државни делегации што ќе се одржи во Владата во 12.30 часот, Коѕијас ќе се сретне и со премиерот Зоран Заев. Ќе следат и средби со претседателот Иванов, со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, како и со претставници на парламентарните партии. Вицепремиерот Османи на министерот Коѕијас ќе му го претстави планот „3-6-9“, процесот на неговата имплементација како дел од обврските со кои Македонија ја враќа европската агенда како врвен приоритет. Тема на средбата ќе биде и продолжувањето на успешната соработка во искористувањето на ИПА-фондовите наменети за прекугранична соработка, како успешен модел кој треба да претставува пример за изградба на мерки на доверба помеѓу две соседни држави.