1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово и Турција на чекор до визна либерализација

ЖА/бета/ртре4 мај 2016

ЕК му предложи на Советот на министри и на ЕП воведување безвизен режим за граѓаните на Косово и на Турција, која треба да исполни уште пет услови.

https://p.dw.com/p/1IhjS
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Warnand

Европската комисија во Брисел соопшти дека предлогот за Косово до Советот и до Европскиот парламент е упатен заедно со поволната оценка на Комисијата дека Косово ги исполнило сите барања предвидени со „мапата“ за режим на визната либерализација.

„Ова е резултат на напорната работа и на успешните напори на косовските власти во остварување на далекусежните реформи во областа на правосудството и внатрешните работи, како и со нив поврзаните сектори на владеење на правото и реформи на правосудството“, изјави еврокомесарот за внатрешни работи и имиграција Димитрис Аврамопулос. Косовците, ако препораката биде прифатена, ќе можат со биометриски пасоши да влегуваат без визи и да престојуваат во Шенген-просторот до три месеци, но ова не се однесува на Ирска, Велика Британија, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.

Brüssel Flaggen EU Türkei Symbolbild Belgien
Фотографија: picture-alliance/dpa/Landov

Европската комисија денеска предложи безвизен режим и за граѓаните на Турција. Тоа е дел од спогодбата ЕУ-Турција за запирање на приливот нелегални мигранти преку турско-грчката граница, а со тоа и надворешната граница на Шенген. Како што изјави потпретседателот на ЕК , Франс Тимерман, Анкара оствари значаен напредок во исполнувањето на 72 услови за безвизен режим, но остануваат незавршени уште пет услови, а тоа се сузбивање на корупцијата, спогодба за соработка на Турција со Европол, согласност на Анкара за соработка со правосудството во сите држави на ЕУ, мерки за заштита на податоците во согласност со стандардите на Унијата, како и преиспитување на турските закони за тероризам. Турските власти за своите граѓани треба да обезбедат биометриски пасоши. Официјална Анкара искажа решеност да ги исполни во целост овие услови.