1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупцијата во Македонија - голем проблем

12 октомври 2010

Во Македонија, корупцијата е голем проблем, а владата не покажува доволно политичка волја за справување со неа, оценуваат експерти. На корупцијата не се имуни ниту германските компании, смета новинар на „Тагесшпигел“.

https://p.dw.com/p/PZ2U
Фотографија: dpa

Нема подобрување во однос на степенот на корупција во Македонија е оценка на Транспаренси интернешнл, централата во Берлин. Корнелија Абел од оваа глоблана граѓанска организација која води битка против корупцијата во светот смета дека проблемот во Македонија заслужува поголемо внимание. „Со оглед на информациите што ги имаме и проблемите што беа наведени во поглавјето за вашата земја дефинитивно можам да кажам дека корупцијата во Македонија е се’ уште голем проблем. Жалам што морам да речам дека не постои доволно политичка волја за справување со корупцијата. Актуелната влада има други приоритети. Начинот на кој ги троши парите, начинот на кој гледа на системот укажува дека е потребно прашањето на добро управување да биде ставено повисоко на листата на приоритети“, изјави за Дојче веле Корнелија Абел од Транспаренси интернешнел.

На листата од 180 земји Македонија во 2009 беше рангирана на 71-то место според индексот на перцепција на корупцијата, на иста позиција со Романија, Бугарија и Грција. Тој резултат е оценет како тапкање в место. Корупцијата се посочува и во секој извештај на Европската комисија. Во последната оценка Комисијата предупреди дека корупцијата останува распространета во многу области.

И германските компании не се имуни

Telekom Symbolbild mit Kamera
Фотографија: AP

Во Македонија се водат истраги за повеќе сомнителни случаи кои подолго време се без епилог. Еден од поатрактивните е истрагата против поранешните менаџери на „Телеком“, случај што се истражува и во Германија поради сомневање дека „Дојче Телеком“ подмитувал политичари на Балканот.

Мориц Доплер уредник на економската редакција во весникот „Тагесшпигел“ признава дека и големите германски компании не се имуни на малверзации во работењето. „Големиот корупциски скандал во ’Сименс’ и останатите што следуваа по него се отворија бидејќи законите се менуваа, а принципот на работа на компаниите остануваше ист. Тие продолжија да подмитуваат во странство“, вели Доплер од „Тагесшпигел“.

Според оценките на граѓаните во едно од последните истражувања најкорумпирани се судството и пратениците, на поткуп значително подлегнуваат јавната администрација и медиумите, но посебно загрижувачка е состојбата во приватниот сектор. Најсиромашните плаќаат најмногу потпкуп, но голем број случаи остануваат непријавени. Главна причина за тоа е недовербата во институциите или стравот од последиците.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска