1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конечно Оскар за Леонардо ди Каприо

Ендру Шеил/Ж.А. 29 февруари 2016

Голем аплауз за големиот актер: по две децении со бројни главни улоги, Леонардо ди Каприо го доби првиот Оскар за најдобар глумец во филмот „Повратник“. За најдобар филм е прогласен „Под лупа“.

https://p.dw.com/p/1I42K
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Sandoval-Rizo

Тој беше номиниран веќе петпати, исто толку пати извиси. Сега конечно успеа, Леонардо ди Каприо доби Оскар за најдобар актер.

Леонардо во филмот „Повратник“ даде се‘ од себе во улогата на Хју Глас, кој со месеци се бори сам на Дивиот Запад за свое преживување. Подоцна планира да се одмазди за убиството на својот син. Вестернот се темели на вистинска приказна.

Својот заблагодарувачки говор Ди Каприо го искористи за да предупреди на опасностите од промената на климата:

„Приказната на ’Повратник’ се однесува и на човековата врска со природата. 2015 беше најтоплата година од почетокот на мерењата. Моравме да го преместиме снимањето на најјужниот дел на нашата планета за воопшто да најдеме снег. Во тек е промена на климата, овде и во овој час.“

И режисерот на филмот, Мексиканецот Алехандро Гонзалес Ињариту доби Оскар за своето дело.

Овде погледнете го видеото:

Награда за „чекачот“ Лео

Најдобар филм е „Под лупа“ од Том Меккарти, исто така базиран врз вистинска приказна: новинарите на дневникот Бостон Глоуб откриваат педофилија во католичката црква. Потресното сценарио исто така беше наградено со Оскар.

За најдобра глумица е прогласена една почетничка: Бри Ларсон во драмата „Соба“ игра млада жена, која со години нејзиниот мачител ја држи затворена во просторија без прозорци. Таа успева да се ослободи заедно со својот син, но животот на слобода е потежок отколку што си замислувала.

„Побеснетиот Макс: Автопатот на бесoт“ пожнеа шест награди, иако не главните, меѓу другите доби Оскар за најдобра сценографија и тонска монтажа. Апокалиптичкиот акционен филм на Џорџ Милер беше номиниран во 10 категории.

Најсреќниот човек на вечерта сигурно е Леонардо ди Каприо, човек кој секогаш даваше се‘ од себе во своите улоги. Конечно, го освои Оскарот.