1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конгрес на СДСМ - како натаму?

ЖА/миа/дв11 мај 2014

Најголемата опозициска партија во Македонија, СДСМ, на денешниот конгрес го разгледува извештајот за претседателските и парламентарните избори, а треба да гласа и за доверба на актуелното раководство.

https://p.dw.com/p/1Bxol
Фотографија: Petr Stojanovski

СДСМ денеска ќе го одржи 18. конгрес на кој пред делегатите треба да биде поднесен извештај за претседателските и предвремените парламентарни избори.

Се очекува да се дебатира за одлуката на партијата да не ги признае изборните резултати, за враќањето на освоените 34 пратенички мандати и за барањето за формирање техничка влада.

СДСМ во пресрет на денешниот Конгрес, пред неколку дена издаде соопштение во кое истакна дека е одговорна политичка партија и на Конгресот ќе го утврди најдоброто решение за натамошното дејствување на партијата и во интерес на државата и во интерес на граѓаните на Република Македонија.

Централниот одбор на СДСМ претходно едногласно ја потврди одлуката на раководството на партијата за непризнавање на изборниот процес и ја прифати одлуката на Извршниот одбор за неприфаќање на мандатите на избраните пратеници од оваа партија во Собранието на Република Македонија.

На конгресот, како што е најавено, треба да се гласа за доверба на актуелното раководство и телата на партијата.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев за Дојче веле деновиве изјави дека очекува на Конгресот да ја добие довербата на членството.

„Апелирам - СДСМ да излезе цврст и единствен по дебатата на Конгресот. Им порачувам на сите социјалдемократи да опстоиме здружени, а шареноликоста на мислењата да ја сфатиме како наша предност, а не слабост“, изјави Заев за Дојче веле.

Во интервју за Дојче веле претходно долгогодишниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, во врска со одлуките на партијата изјави дека СДСМ е во сериозна криза и ќе биде тешко брзо да се консолидира, да се мотивира членството и да се охрабрат граѓаните. За оваа ситуација, порача тој, „не сме решиние ни јас ниту Заев“, туку за СДСМ е најдобро да се оди со сосема ново решение.