1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кому му припаѓа богатството од Карибите?

Николас Мартин/бг9 декември 2015

Смарагди и злато во неверојатно количини: пред брегот на Колумбија истражувачите пронајдоа остатоци од легендарен брод. Но, уште пред да биде извлечено богатството, се јавија многу наследници.

https://p.dw.com/p/1HJd0
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Schmidt

Се работи за најголемиот пронајдок на загубени културни добра и богатство во историјата на човештвото. Со голема гордост колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос го презентираше пронаоѓањето на галијата стара околу 300 години. Откритието ги разбуди сништата на Сантос: „Ќе изградиме голем музеј во скандинавски стил“, рече тој. Притоа, скандинавците во нивните музеи ставаат далеку понезначајни пронајдоци, се пошегува колумбискиот претседател.
Истражувачите проценуваат дека на галијата се наоѓаат околу 11 милиони златни монети и речиси 200 тони смарагди. Според пресметките, вредноста на пронајдокот би се движела меѓу три и 17 милијарди долари. Сепак, досега тимот од колумбиски и меѓународни научници успеа преку фотографии да локализира единствено топови и керамички садови (на фотографијата).

San José Galeone Unterwasseraufnahme Kanonen Kolumbien
Топови и амфори на шпанскиот брод Сан ХозеФотографија: picture-alliance/dpa/Kolumbianisches Präsidialamt

Галијата Сан Хозе е пронајдена на неколку километри оддалеченост од колумбискиот брег. На 8 јуни 1708 година бродот тргнал на пат од Панама кон Шпанија. Но не стигнал далеку. Бил нападнат од повеќе британски пиратски бродови и потонал меѓу островите Розарио и Бару.
Во тој период во Европа во тек е битка за превласт и наследник на хабсбуршките кралеви. „Нападите врз шпанските бродови на отворено море била тековна тактика на Англичаните, за да ја намалат моќта на шпанската круна“, објаснува Николаус Бечер, историчар на Слободниот универзитет во Берлин.

China, Nachbau einer Galeone aus dem 17. Jahrhundert
Реплика на шпанска галија од 17. векФотографија: AFP/Getty Images/T. Aljibe

Смарагди и златни монети во неверојатно количество: за Бечер ваквиот пронајдок не е изненадување. Во еден напад кој го извеле пирати под холандско знаме врз шпанска фрегата во близината на Хавана во 1628 година бил собран целиот потребен капитал за холандската кампања во северен Бразил. „Бродовите на шпанската круна во тој период еднаш годишно го носеле богатството од колониите кон Шпанија“, вели Бечер.

Сите сакаат дел

Па така, не траеше долго додека и шпанскиот министер за надворешни работи не се јави со барање. „Тоа бил шпански брод, и тој и припаѓа на државата под чие знаме пловел“, изјави Мануел Гарсија- Маргал. Шпанците бараат разговори со колумбиската страна на оваа тема. Но Колумбија го има меѓународното право на своја страна. Во него е наведено дека пронајдоците кои се наоѓаат до 12 морски милји (22 километри) од брегот и припаѓаат на таа држава. Но, во истовреме и Шпанија има право на богаството. Како што објаснува историчарот Бечер, Шпанија може да се повика на конвенција на УНЕСКО за заштита на добра на морското дно. Согласно таа конвенција, потонатите воени бродови и припаѓаат на земјата од која потекнуваат. Повикувајќи се на оваа конвенција, Шпанија во минатото успеваше да добие судски одлуки во своја корист. Така одлучи еден американски суд во 2012 година, кога и наложи на фирмата „Одисеј Марин Експлорејшн“ да и го врати на Шпанија пронајдокот вреден повеќе стотици милиони евра. Во 2007 година на брегот на Португалија оваа фирма пронајде половина милион златни и сребрени монети. Шпанија судски се бореше 4,5 години за да го добие богатството.

За работата да биде уште покомплицирана, и една приватна фирма бара дел од богатството. Компанијата „Си срч армада“ тврди дека уште во 1980-те години го открила бродот пред брегот на Колумбија и затоа и припаѓа дел од богатството.
До целосното извлекување на Сан Хозе од морските води најверојатно ќе минат години. Досега научниците успеаја да му се приближат само со подводни дронови.
Притоа, во водите на Карибикот десетици авантуристи и големи фирми се во потрага по богатства од минатото. Експертите проценуваат дека ширум светот има околу три милиони потонати остатоци од бродови. Само околу 10 проценти од нив имаат злато, порцелан, сребро или накит, но нејасната правна ситуација ги мотивира авантуристите и трагачите по богатство од целиот свет.