1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комесарот Хан нема право на грешка

Катерина Блажевска14 јануари 2016

Дали изборите на 24 април ќе означат крај на кризата или поради нерешените проблеми, ќе добијат нов, уште подраматичен почеток? На Јоханес Хан не смее да му се повтори искуството на Штефан Филе.

https://p.dw.com/p/1HcY3
Фотографија: picture-alliance/dpa/Julien Warnand

Политичкиот договор од 2 јуни/15 јули, тој реформско-транзициски коктел од мерки кој требаше да ја извлече Македонија од политичка криза, влегува во последните сто дена од неговата реализација. По сто дена, Македонија на 24 април треба да има предвремени избори, ако се оцени дека се исполнети сите услови за да се одржи фер и кредибилен изборен процес. Четирите партии - потписнички на Договорот имаат различни ставови за ова прашање, па се надеваат дека Гордиевиот јазол ќе го пресече еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан. Од потпишувањето на Договорот, неговата утрешна посета на Македонија ќе биде петта по ред. Еврокомесарот стана синоним за целовечерни преговори до многу следни утра, по кои, во негово присуство партиите во последен миг постигнуваа договор за прашања, за кои претходно самите не можеа да најдат решение. Заради маратонските преговори во Скопје, Хан многу пати одложи или пропушти летови за Брисел. Но, Македонија која предолго стои во место, тоа повеќе не може да си го дозволи.

Слаби резултати

Лидерската четворка ќе го дочека еврокомесарот со скромни резултати на масата. Од она што беше предвидено со Договорот, досега целосно се реализирани неколку точки: Запре објавувањето на „бомбите“, а опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) го прекина бојкотот и на 1-ви септември се врати во парламентот. Почна со работа Специјалното јавно обвинителство, кое треба да води истрага околу разговорите што произлегуваат од незаконски следените комуникации. СДСМ се вклучи во работата на т.н. транзициска влада со двајца министри и двајца заменици-министри во неколку ресори што се сметаат значајни за организација на изборите. Формирана е Анкетна комисија за скандалот со прислушкувањето, но досега не се остварени очекуваните резултати за утврдување политичка одговорност. И оваа, но и Комисијата за надзор врз работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, досега ги немаат поднесено очекуваните извештаи. Некои од обврските се реализирани, но поради поголемите доцнења, тие ги загрозуваат роковите за реализација на другите обврски. На пример, членовите на Државната изборна комисија се избрани на 15 декември, со задоцнување од неколку месеци, односно 137 дена. Со тоа доцни и договарањето на методологијата за прочистување на Избирачкиот список од лажни и мртви гласачи. Ако процесот не е ни започнат, дали воопшто ќе има време тој успешно да заврши до изборите на 24 април? Воопшто не се започнати ни медиумските реформи, кои треба да донесат суштински промени кај медиумскиот регулатор, јавниот радиодифузен сервис, државната новинска агенција и бројни прашања поврзани со објективно известување на медиумите, односно за елиминирање на политичката контрола врз нив, за што Македонија со години по ред е критикувана од ЕК и од релевантни меѓународни организации. Не е започната ни предвидената реализација на препораките на ЕК, кои се однесуваат на системските прашања за владеењето на правото, деполитизација на јавната администрација и други структурни реформи.

Kombibild Politiker Mazedonien

На 15 јануари кога Хан пристигнува во Скопје, ќе биде дочекан и од нереализираната обврска на премиерот: да се повлече од премиерската функцијата. Владејачката партија требаше да предложи нов премиер, за да може до 15 јануари (сто дена пред изборите) да биде инаугурирана владата што ќе ја води земјата до 24 април.

Големи и мали доцнења

Според пресметката на „Институтот за европска политика“ - Скопје, просечното доцнење во спроведувањето на обврските од Договорот изнесува 43,44 дена, заклучно со 31 декември 2015 година. Но, тој податок и не изгледа толку драматично, кога ќе се погледне големата слика. Македонија од 1991 година е независна држава и на 8 септември годинава ќе прослави 25 години самостојност - јубилеј зад кој се крие драматично доцнење. Земјата која во 2005 години доби кандидатски статус за членство во ЕУ и се сметаше за лидер во интеграциските процеси на Западен Балкан, денес е дилер на статус-кво. Сите кои беа далеку зад Македонија на европскиот пат, денес се пред неа: и Србија и Црна Гора, а Хрватска е во ЕУ. Од решавањето на политичката криза, односно од спроведувањето на Договорот, ќе зависи дали Македонија ќе добие седма по ред препорака за преговори со ЕУ или ќе се збогува со европската иднина.

Поради тоа, сите надежи се насочени во помошта од гарантите на Договорот, ЕУ и САД, кои овде посредуваа и пред 15 години. Тогаш во прашање беше воената криза во 2001 година. А сега? Спорот за името со Грција, кој со години беше пречка на интеграцискиот пат, го изгуби приматот пред внатрешните македонски проблеми: дефицит на демократија, корупција, организиран криминал, недостиг на медиумски слободи, избришана граница меѓу партијата и државата, партизираност на судството, администрацијата, нефункционалност на институциите...

„Сето тоа произведе сериозна политичка и институционална криза“, вели Нано Ружин, поранешен македонски амбасадор во НАТО, во Брисел.

„Сега, за прв пат од паѓањето на комунизмот, ЕУ се соочи со ситуација, премиер на држава-кандидат за членство во ЕУ да биде натеран на абдицирање заради индиции за криминални, реваншистички и политички престапи, презентирани со прислушкуваните разговори“, посочува Ружин.

Во планот за надминување на политичката криза, тој гледа силен обид на меѓународната заедница за враќање на Македонија на демократски колосек.

„Договорот од Пржино е еден вид мини- рамковен договор, сличен на Охридскот договор од 2001 година, поделен на прецизни, функционални етапи, кои треба да се исполнат во предвидените рокови и да завршат со избори. Секое ненавремено исполнување на овие етапи, ја загрозува и договорената реализација на изборите. Затоа, станува се пореално нивното одложување за јуни или за септември“, смета Ружин. Тој е уверен дека со моделот за решавање на македонската криза ќе бидат решавани и слични кризи на дефицитарна демократија во регионот.

„Во случајов се работи и за авторитетот на ЕУ, која настојува да ја зајакне сопствената политичка репутација врз државите-кандидати, механизам, кој во последните неколку години забележа евидентна девалвација, не само поради одлуката да нема проширување на ЕУ до 2020 година, туку и заради фактот што популизмот и дефицитот од демократијата се манифестираа и меѓу самите членки на ЕУ“, укажува тој.

Брзи избори, бавна правда?

Власта, која се соочува со индиции за изборни и други видови криминал, заинтересирана е изборите да се одржат во договорениот рок. Нивна желба е изборите да бидат побрзи од правдата. Опозицијата не прифаќа брзи избори, пред да бидат исполнети сите услови што ќе гарантираат фер процес. Што ќе претежне?

Johannes Hahn in Skopje
Фотографија: MIA

Засега, трката помеѓу „спората правда“ и „брзите избори“ се одвива во прилог на изборите, во кои премиерот и владеачката политичка група гледаат свој политички, а веројатно, и личен спас, смета професорот Денко Малески.

„'Брзите избори' водат во трката, затоа што за да стасате до определен датум во годината доволно е и да ги влечкате нозете или да си седите: датумот самиот ќе си дојде. Но, за да ги исполните обврските превземени со договорот од Пржино и да ги отстраните недостатоците на системот, треба да засукате ракави“, вели тој, алудирајќи на нереализираните реформи и незаинтересираноста на власта за нив.

На големите ризици што ги носат таквите брзи избори без спроведени реформи, предупредува поранешниот заменик-министер за надворешни работи и амбасадор, Никола Димитров.

„Како што стојат работите, ако ЕУ овозможи изборите да се одржат според планираното, таа ќе биде соучесник, со тоа што на наводните престапници ќе им дозволи да се извлечат уште еднаш, а со тоа ќе ја овековечи кризата и ќе го легитимира збогувањето со демократијата во земјата“, предупредува Димитров.

Во таа насока, се чини дека на еврокомесарот Хан не му е дозволено да згреши, особено што пред себе ја има поуката од искуството на неговиот претходник, Штефан Филе. По скандалозните настани од 24 декември 2012 година, кога власта насилно ја исфрли опозицијата од македонскиот парламент, посредувањето на Филе во надминувањето на кризата заврши со меѓупартискиот Договор од 1 март (2013), со кој беше предвидено и формирање Анкетната комисија за настаните од 24 декември. Препораките што ги донесе оваа Комисија до денес не се спроведени, а власта го прогласи за тоалетна хартија. За нив никој не зборува, а се спомнуваат единствено во препораките од ЕК. Тоа е целосно несфатливо, со оглед дека политичката криза влече корени токму од тој датум, а покажа дека со туркање под тепих проблемите не се решаваат, туку се мултиплицираат. Имајќи ја предвид оваа поука, и досегашното ниво на реализација на Договорот, комесарот Хан треба да има сигурен одговор на клучното прашање: дали изборите на 24 април ќе означат крај на кризата или поради нерешените проблеми, ќе добијат нов, уште подраматичен почеток?

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема