1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колебливата велесила

Александер Кудашеф Превод: Зоран Јордановски3 октомври 2015

Обединета Германија останува загадочна: успешна, моќна, омилена и сепак толку несигурна. Земја од која веќе навистина никој не мора да има страв, па сепак е непредвидлива, смета главниот уредник на ДВ Александер Кудашеф.

https://p.dw.com/p/1Ghcs
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Веќе 25 години Германија е повторно обединета. За 25 години нејзиниот Исток и Запад повторно сраснаа - и сепак во многу области се различни и меѓусебно туѓи. На тоа се жалат Германците, но тоа е и типично германски. Оти, разликите меѓу германскиот Исток и Запад, меѓу Север и Југ спаѓаат во историјата на Германија. Централна држава, што е самопосебе разбирлива за нашите француски соседи, не спаѓа во германското себепоимање. Германија секогаш беше сојуз на земји, региони, разлики.

Германија, четвртина век по политичкото чудо - обединувањето, е омилена земја, призната земја, важна земја. Германија е земја со неверојатна економска сила, со социјален систем на кој му се воодушевуваат во светот. Тоа е земја која на се потпира врз воена сила, врз оружје, туку врз дипломатија, воздржаност, сила на убедување. Таа е крајно цивилна република - спротивност на Германскиот рајх од кого со право стравуваа неговите соседи а подоцна и целиот свет.

Една од највлијателните држави

Кон Германија, посебно кон Ангела Меркел, се свртени очите на светот. И без земјата да е постојана членка на Советот за безбедност на ОН, се слуша зборот на Германците и на канцеларката; во Европа ионака, но и во светот исто така. Германија, таа претпазлива, колеблива велесила политички и економски е „тешка категорија“ и секако се вбројува меѓу петте највлијателни држави на во светот. И сепак е несигуерна земја: несигурна во однос на самата себе си. Оти, таа не умее да се однесува со својата нова улога, со очекувањата што им се поставуваат на Германците. Таа знае дека мора да преземе поголема одговорност, дури и тврди дека сака да го стори тоа. Но, најдлабоко во себе, поддржана од големо мнозинство на своите граѓани, таа воопшшто не го сака тоа. Најрадо би сакала да биде некаква зелена Швајцарија.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App

Политички Германија е длабоко закотвена во Западот. Незамислива е пресвртлива политика како порано: меѓу просветениот, политички, рационален прагматизам и една навидум несовладлива склоност кон романтика, еуфорија, непредвидливост. Дури и Ангела Меркел - како канцелар персонифицирана рационалност - не е ослободена од тоа. Прво, кога по катастрофата во Фукушима „преку ноќ“ објави енергетски пресврт, без да направи калкулација за ползата и трошоците за индустриската нација. Второ, сега во бегалската криза, кога од хуманитарни причини ги отфрли правилата и договорите и ширум ги отвори границите - вчудовидувајќи ги и иритирајќи своите европски соседи. Тие тоа го почувствуваа - всушност загрижувачки - како „морален империјализам“.

„Ако ноќе мислам на Германија, останувам без сон“

На друга страна Германија во Европа, на пример во бегалската криза, се покажува како строг воспитувач на сите - иако, се разбира, посимпатична е сликата на „швапска домаќинка“. И тоа ги иритира во Мадрид, Париз; Атина и да не ја спомнуваме. Тука земјата ги покажува своите економски мускули, им ги диктира правилата на своите европски партнери. Тука презема одговорност и сепак страда кога - од германски агол гледано, неоправдано - ја критикуваат.

„Ако ноќе мислам на Германија, останувам без сон“, напиша пред 170 години германскиот поет Хајнрих Хајне. Тоа е минато. Но, Германија уште е земја која повеќе го цени Русо, отколку Волтер или Лок. Со други зборови: земја која постојано побргу и’ се препушта на романтични проценки, отколку да дејствува рационално и прагматично. Тоа веќе никого не го остава без сон, но ги иритира нашите пријатели, соседи и партнери.