Кога човекот учи од природата
16 август 2011Во малата лабораторија во подрумот на факултетот во Бремен ѕидовите и подот се поплочени, бидејќи таму се работи со вода. Двометарска цевка од челик и стакло се протега низ просторијата во вид на канал. Со помош на пумпа, водата постојано кружи низ цевката. Себастијан Мелер во проѕирниот дел од цевката пушта да плови модел на опашка од ајкула.
Моделот е направен од силикон, кој е многу еластичен. Тоа е едноставен модел на риба, што се однесува исто толку флексибилно, како и опашката на ајкула.“
Себастијан мораше сам да го изработи моделот. Тоа е дел од она што се учи на смерот бионика. Освен биологија, физика, хемија, информатика и математика, тој во првите семестри слушаше и предмет на кој стануваше збор за различните материјали. Опашката од ајкулата е дел од неговата дипломска работа. Себастијан сакаше да знае зошто на врвот од опашката има уште еден дополнителен дел.
„Никој не можеше да ми даде одговор на тоа прашање, дури ни специјалистите од таа област. Затоа се интересирав тоа сам да го дознаам.“
Откритијата можат да најдат примена во индустријата
Биониката се обидува да ги објасни феномените во природата и да ги примени во развивањето технички пронајдоци. Затоа бионичарите на почетокот се фокусираат на биолошкото истражување, објаснува професорката Антонија Кезел, раководителка на катедрата за бионика во Бремен:
„Прво мора да се сознае зошто некое животно, или дел од него, изгледа така како што изгледа? Како функционираат растенијата, каква тајна се крие зад нив?“
Себастијан Мелер помина небројни часови во лабораторијата. На крајот откри дека додатниот дел на опашката од ајкулата и` овозможува на рибата да ја одржува на константно ниво висината на која плива. Студентот смета дека неговото откритие би можело да биде интересно за индустријата:
„Во одредени ситуации можеби би било поразумно во бродовите или подморниците да се вгради пофлексибилен мотор. Тоа значи дека не мора секогаш да имаме огромни, тешки, метални пропелери или бродски елиси. Тоа може да се заклучи од мојата дипломска работа.“
Биониката - мост меѓу специјалисти од различни области
Додипломските студии по бионика траат седум семестри. Петтиот семестар студентите треба да го поминат на размена во странство.
Факултетот во Бремен моментално нуди 27 места за додипломски и 14 за постдипломски студии. Тоа не е многу за младата, но перспективна наука. Но, германските факултети полека ја согледуваат потребата од биониката и почнуваат да нудат се` повеќе нови места за студирање. Од идниот семестар бионика ќе може да се студира во Гелзенкирхен.
Антонија Кезел, раководителката на катедрата во Бремен, гледа многу можности за вработување за младите бионичари, особено во областите каде се истражува и се развиваат нови технологии. Такви на пример се индустријата за авијација, бродоградбата, роботиката или енергетскиот сектор. Предноста на биониката е тоа што таа претставува мост меѓу специјалистите од различни области.
„Бионичарите се во состојба да ги разберат проблемите и прашањата на биолозите, но и оние на инженерите. За време на студиите се учат и двата стручни јазика, така што дипломците можат лесно да посредуваат меѓу различните специјалисти и да проценат дали има потенцијал за развој на нивните идеи.“
Автор: Хајке Цајглер/Светлана Брик
Редактор: Трајче Тосев