1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога Европа ќе дојде на месечината?

21 јули 2009

Стариот континент делумно се етаблираше во вселенскиот простор. Сепак, самостојна мисија на Европејците кон месечината, се‘ уште е далеку. Европа прво мора да вложи напори да ја задржи сегашната позиција во вселената.

https://p.dw.com/p/Itly
Месечината - предизвик и за ЕвропејцитеФотографија: picture-alliance / dpa

Европа во моментов има толку добра позиција во освојувањето на вселената, како никогаш досега: ракетите Аријана функционираат без проблеми и носат во вселената сателити и истражувачки сонди. Околу планетите Марс и Венера кружат сонди од Европа и испраќаат спектакуларни податоци на земјата. Во рамките на Меѓународната вселенска станица функционира вселенската лабораторија Колумбус создадена во Бремен, во која астронаутите изведуваат бројни експерименти.

Smart-1 gestartet
Ракетата „Аријана пет“Фотографија: ESA

Покрај тоа, Европа минатата година го конструираше најамбициозниот вселенски брод досега, возилото за автоматски трансфер – АТВ, кое може да однесе до 10 тони материјал во вселенската станица. До сега овој вселенски брод можеше да однесе само материјал нагоре, но не и назад на земјата, со жалење констатира Јан Вернер, директор на германскиот центар за воздушен и вселенски сообраќај: „Мојата замисла е дека следно што треба да направиме е да овозможиме транспорт на материјал со европско возило назад од вселенската станица. Постои студија, подготвена од стопанството, во која стои дека може да се изгради капсула, која ќе се лансира со Аријана ракетите и кои после соодветна работа, ќе може повторно да влезе во земјината атмосфера и сигурно да се приземји.“

Прв чекор - транспорт на материјал, втор - транспорт на астронаути

Ваков понатамошен развој би и‘ отворил важни перспективи на вселенската станица. Така кога НАСА во следната година ќе ја заврши мисијата на флотата спејс-шатл летала, де факто повеќе нема да има можност на земјата да се враќаат спроведените експерименти, примероци, или дефектните делови од опремата. ЕАДС Астриум – фирма ќерка во 100-процентна сопственост на европскиот авио и вселенски концерн ЕАДС - е специјализирана за цивилни и воени системи за вселенски патувања. Неговиот шеф, Еверт Дудок, нагласува дека со извесен напор можно е да се овозможи враќање назад на земјата: „Можно е денешното возило за автоматски трансфер, кое има релативно цилиндрична форма, да биде заменето со структура на капсула. И оваа структура на капсула, како порано при мисиите на Аполо, би се вратила на Земјата. Со падобрани би се успорила брзината и би можела да се приземји на отворено море.“

ESA - ATV
Возилото за автоматски трансфер може да биде заменето со структура на капсулаФотографија: ESA

Технички најголемата пречка е развој на огноотпорна обвивка, што би ја штитела капсулата од согорување во атомосферата на Земјата. Тука може европската индустрија да се наврати на некои претходни студии. На долг рок, капсулата не би транспортирала само материјали, туку и луѓе. До тогаш, европските астронаути мора да патуваат во вселенскиот простор со Американците или Русите. Се‘ тоа би се променило со изградбата на возилото за автоматски транспорт, вели Јан Вернер: „Вториот чекор, евентуален пренос на астронаути, веќе треба да е добро размислен, за да не излезе дека концептот е слепа улица, туку да може да се каже - добро, успешно го направивме првиот чекор. Искуството можеме да го надградиме понатаму, можеме да го направиме вториот чекор, што значи транспорт на астронаути.“

И Германците сакаат „на месечината“

Jahrestag Mondlandung Mond USA
И Германците сакаат да стапнат на месечината како АмериканцитеФотографија: AP

Германија и Европа со ваков развој нема само да се ослободат од зависноста од Русија и САД, туку ќе станат уште поинтересни како технички мошне способен партнер за идни проекти. Меѓу идните проекти за вселената може повторно да стои пат до месечината. Германија поради проблемите во буџетот ја „замрзна“ идејата за планираната мисија на месечината, но сепак истражувачите многу се интересираат за месечината.

Автор: Дирк Лоренцен / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска