1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога бракот стои на стаклени нозе

19 февруари 2010

Единаесет од илјада склучени бракови во Германија во 2008 година завршиле со развод, што претставува покачување во однос на 2007 година, кога од илјада бракови, осум биле разведени. Како да се избегне разводот?

https://p.dw.com/p/M5iv
Фотографија: Bilderbox

Како е можно брачни партнери, кои биле пресреќни кога стапиле во брак, сега да стојат пред развод? Причините за ова се многубројни. Притисок на работното место, неизвесна иднина, неисполнетост на приватен план, недостаток на пријатели... Сето ова може да ја сведе толеранцијата на личноста на минимум. Во такви случаи, најизложен на изливите на незадоволство е брачниот партнер.

Токму незадоволството е главната причина поради која доаѓа до кризи во бракот, кои некогаш неизбежно завршуваат со развод, вели брачниот советник Фалк фон Хаген: „Денес целиот притисок врз луѓето е зголемен. Кај скоро сите двојки кои доаѓаат кај мене може да се заклучи дека се изложени на некаков притисок. Мали деца, промена на работното место, промена на местото на живеење – разни фактори кои само уште повеќе ги засилуваат вообичаените недоразбирања меѓу партнерите. Целата ситуација тогаш ескалира и самата се претвора во уште еден извор на притисок.“

Symbolbild Streit Paar Mann Frau Flash-Galerie
Незадоволството е најчеста причина што води до криза во бракотФотографија: Bilderbox

Жените тематизираат проблемите, мажите се опиваат

Според германскиот Завод за статистика, околу 55 проценти од барањата за развод во 2008 година биле доставени од жени, 37 проценти од мажи, а во останатите случаи двајцата партнери заедно го поднеле барањето за развод. Ова се должи на фактот што жените се почувствителни на проблеми и побрзо ги согледуваат, отколку мажите, вели психологот Фон Хаген. „Мажите најчесто се обидуваат да си го одвлечат вниманието од проблемите, одат во теретана, во кафеана, за разлика од жените, кои ги тематизираат проблемите.“

Меѓутоа, не значи дека кај мажите нема незадоволство, истакнува Фон Хаген. Тие, едноставно, чекаат подолго, пред да се зафатат со решавање на проблемот. И кога жената ќе рече „барам развод“, мажот се обидува да го спаси она што останало. „Многу често се случува мажите да се јават и да закажат термин за советување“, вели психологот Фон Хаген. За жал, некогаш е предоцна за тоа: „Брачните партнери чекаат предолго, пред да се одлучат за терапија. Чекаат се` додека согледаат дека така веќе не оди, но тогаш изгледите за нешто да се поправи веќе не се толку добри. Некогаш дури може и временски да се одреди кога проблемот започнал – да дошле пред три години, ситуациајта немало да биде толку страшна“, вели брачниот советник Фон Хаген.

На наредната страница брачниот советник Фон Хаген одговара на прашањето: Дали има некоја тајна за долга, хармонична и среќна врска?

Без сјај во очите - нема терапија

Szenenbild Von Suchen und finden der Liebe
Чувствата се најбитни во пребродувањето на кризитеФотографија: Constantin Film

Секоја терапија кај него почнува со едно едноставно прашање за двајцата партнери – како се запознале. Зошто е ова толку важно?

„Ако некој рече, ете така, се запознавме, тогаш значи дека не останало многу од љубовта. Меѓутоа, ако партнерите се` уште си значат еден на друг, тогаш повторно им доаѓаат оние чувства од почетокот на врската, очите им светнуваат и се навраќаат на тие моменти. Тука чувствата играат најголема улога. Ако некој веќе не го сака другиот, не може многу да се стори.“

Дали има некоја тајна за долга, хармонична и среќна врска? Да, вели брачниот советник Фалк фон Хаген. Задоволни партнери се добри партнери. „Човек секогаш мора да внимава на тоа да биде задоволен, и тоа не само во врската, туку и општо. Ако сте исполнети како личност, и врската ќе ви биде добра“, истакнува Фон Хаген.

И притоа едно е важно – секој човек треба сам да се погрижи за тоа да биде задоволен, но мала помош од партнерот секогаш е добредојдена.

Автор: Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска