1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиствено време

Андреа Ренсберг/Ж.А.7 декември 2015

Се викаат Сенди, Мич или Наргис - екстремните временски непогоди кои однесуваат стотици човечки животи. Најголем број жртви има во земјите во развој. Тие бараат пари, за да можат да се заштитат од климатските промени.

https://p.dw.com/p/1HIYZ
Фотографија: Reuters/E. De Castro

Колку луѓе загинале во една земја како последица на поплави? Колкави економски штети предизвикал еден ураган? На вакви прашања се обидува секоја година да одговори германската невладина организација Џерманвоч, користејќи ги податоците на реосигурителната компанија Минхенер Рик. Целта е преку нив да се создаде индекс на земји кои се најпогодени од екстремни временски неприлики.

Резултатот не е многу изненадувачки: од 1995 до 2014 година од тропските невремиња како ураганите Сенди и Мич, циклонот Наргис или тајфунот Хајан најпогодени биле сиромашните земји во развој како Хондурас, Мијанмар, Хаити и Филипините. Во овие екстремни временски непогоди во споменатиот временски период загинале вкупно над 525.000 луѓе.

Да се спречат идни штети со помош на информации

„Најголемите штети на Филипините настануваат поради тајфуни и нивни последици во форма на лизгање на земјиштето и поплави“, вели Рејмонд Либоро од Министерството аа економија на Филипините, задолжен за намалување на ризикот од катастрофи. „Во случајот на тајфунот Хајан пред две години, поројните поплави убија над 7.000 луѓе.“

China Taifun Dujuan
Тајфуните однесуваат бројни жртвиФотографија: Reuters/China Daily

Филипинската влада сака во иднина да избегне толку бројни жртви. Тајфуните, вели Либоро, всушност оставаат доволен временски простор за планирање. „Во последните две години, со помош на многу детални информации, создадовме карти за постоење опасност до нивото и на најмалите селца. Така, одговорните на теренот можат да испланираат каде да се организира итно сместување и каде можат да поминуваат коридорите за евакуација“, објаснува Либоро за Дојче веле. Квалитетниот информативен материјал може да помогне во развој на ефикасни системи на рано предупредување.

Меѓутоа, паралелно со ваквите изјави, од земјите во развој доаѓа и барањето индустриските држави да стават на располагање пари и ноу хау. Конечно, гласи нивната аргументација и на климатската конференција во Париз, индустриските држави со својата емисија на штетни гасови од средината на 18 век предизвикаа затоплување на Земјата и зачестеност на екстремни временски непогоди како поплави и урагани. „Трите најкатастрофални тајфуни не‘ погодија во последните четири години“, констатираше министерот од Филипини.

Африка: не е во индексот, но е погодена

Африканските земји во индексот за климатските ризици на Џерманвоч се наоѓаат на долните позиции. Но тоа, се обидува да објасни политичкиот директор на организацијата, Кристоф Балс, не значи дека африканскиот континент е помалку погоден.

„Овој индекс се базира на ненадејни невремиња како големи бури, силни дождови и лизгање на земјиштето“, вели Балс. „Во индексот не се опфатени долгорочните катастрофи како суши или покачувањето на морското ниво. Бидејќи африканскиот континент е претежно погоден од суши, овие држави не се опфатени меѓу десетте најзасегнати земји од екстремни невремиња.“

Иако, и временските неприлики како сушите, кои не доаѓаат ненадејно, имаат катастрофални последици. „Погледнете го на пример Сахеловиот појас, кој последните четири години страдаше од екстремни суши“, изјави Па Осман Џарју, министер за екологија на Гамбија. „Сушите погодија над 16.000 луѓе.“ Потребно е многу долго време за една земја да се опорави од вако нешто. „Претставете си како изгледа целата жетва да пропадне поради суша, настанува помор на живината, уништена е егзистенцијалната основа. Но ние како влада и покрај тоа мораме да најдеме средства и начини нашите граѓани да ги обезбедиме со вода и со потребните услуги.“

Dürre in der Sahel Zone Naturkatastrophen Flash-Galerie
Повеќегодишна суша во Сахеловиот појасФотографија: picture-alliance/ dpa

„Ние не сме одговорни“

Затоа Осман Џарју на климатската конференција во Париз водеше жилави преговори. Индустриските земји сносат одговорност, смета тој: Волшебниот збор гласи - диференцирање: земјите во развој сакаат во договорот што ќе се постигне во Париз индустриските држави да се обврзат на построги контроли на испуштањето гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина, а за земјите во развој да важат полабави правила.

„Ние не сме одговорни за временските непогоди од кои страдаме“, изјави министерот.