1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кипарско обединување на видикот

Панајотис Купаранис
9 јануари 2017

Во Женева започна нова рунда во барањето решение за кипарското прашање. Централните прашања и натаму остануваат отворени.

https://p.dw.com/p/2VVyT
Schweiz Zyperngespräche in Genf
Фотографија: Reuters/S. Di Nolfi

Денеска во Женева започнаа тридневните разговори меѓу грчката и турската заедница на Кипар, а клучните прашања за повторно обединување сѐ уште се отворени. И не само тоа - според досегашниот план, в четврток челниците на двете етнички заедници, Никос Анастасијадис и Мустафа Акинчи треба да преговараат со државите-гаранти Грција, Велика Британија и Турција околу можно решение, а сѐ уште не е јасно кој ќе биде присутен.

Британската премиерка Тереза Меј молчи, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган веројатно за свој претставник ќе го испрати премиерот Бинали Јилдирим, а грчкиот премиер Алексис Ципрас би патувал во Швајцарија само ако разговорите меѓу Анастасијадис и Акинчи бидат успешни. Доколку се верува на гласините, од тоа зависи и учеството на новиот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш. И покрај тоа, средбата во Женева не смее да заврши со фијаско.

Zypern Stimmungsbild nach der Wiedervereinigung
Фотографија: DW/P. Kouparanis

Премостливи пречки

Оптимизам шири ставот на претставниците на двете кипарски етнички заедници. Анастасијадис и Акинчи со години се ангажираат околу обединување на островот. Во 2004. година тие го поддржаа планот за повторно обединување на тогашниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, но истиот доживеа неуспех поради негативниот резултат на референдумот на кипарските Грци. Од мај 2015. година се прават нови напори во постигнувањето решение, но без оглед на напредоците во изминатите 18 месеци, се очекува дури во Женева да се најде одговор на отворените важни прашања.

За кипарските Грци централна точка за решение е ставање крај на статусот на Грција, Велика Британија и Турција како гаранти и повлекувањето на 35.000 турски војници од островот. Кипарските Турци ги одбиваат двете барања. Можен компромис би бил ако турскиот воен контингент, во најдобар случај, во преоден период биде намален на неколку илјади војници и Анкара и натаму игра улога во безбедноста на кипарските Турци, но не како гарант за цел Кипар. Се чини оти грчко-кипарската страна е подготвена да прифати ротирачко претседателство меѓу двете етнички групи. За возврат, кипарските Турци треба да се согласат нивната територија од сегашните 37 проценти, да се намали на околу 28,5 проценти. Единство владее во поглед на надлежноста на идната федерална држава и нејзините два автономни дела. И околу прашањата како што се приватната сопственост или можноста за враќање на бегалците во нивните родни области нема непремостливи пречки. 

Zypern Stimmungsbild nach der Wiedervereinigung
Фотографија: DW/P. Kouparanis

Ставот на државите-гаранти

Повторно обединување на Кипар меѓутоа е можно само во случај ако и државите-гаранти се согласат на евентуално решение. Нивниот став е прилично различен. Поранешната колонијална сила Велика Британија речиси нема интерес да се занимава со кипарското прашање, особено ако смее натамошно да ги задржи своите две авионски бази на островот. Грција, која долго време делуваше во согласност со мотото „Кипар решава, а Грција дава поддршка“, приреди непријатно изненадување со максималистичко барање, неприфатливо за кипарските Турци и за Анкара. Доколку не биде однапред јасно дека државите-гаранти ќе се откажат од својот статус и Турција ги повлече своите трупи, Атина не сака да учествува во преговорите  за Кипар. Сепак, без оглед на острата реакција, Атина го потврди своето учество во разговорите во Женева.

Многу посилно инволвирана во кипарското прашање во однос на другите две држави-гаранти е Турција. Таа постојано врши влијание врз политичкиот живот во Северен Кипар, поддржувајќи го со стотици милиони евра годишно и настапувајќи во улога на гарант на неговата егзистенција. Без оглед на силните врски, се чини дека Анкара, исто како и во 2004. година со планот на Анан, и овојпат сака да се согласи на обединување на островот. Околу причините може само да се шпекулира. Факт е меѓутоа, дека турскиот меѓународен углед би пораснал, ако Анкара успее да придонесе во решавањето на еден повеќедецинсики проблем. Згора на тоа, на тој начин е можно отворањето и на неколку поглавја од пристапните преговори на Турција со ЕУ, блокирани поради Кипар. Турција, и покрај тоа што не учествува директно во експлоатацијата, може да профитира и од гасоводот во источниот дел од Средоземно Море - решението на кипарското прашање може да доведе до тоа транспортот на гас кон Европа да се одвива преку турска територија.

Разговорите продолжуваат

Со оглед на ваквата констелација на интереси, се чини не е исклучено и Реџеп Таип Ердоган сепак да отпатува во Женева. Но, и тогаш не може да се очекува склучување договор за повторно обединување на Кипар. Многу поверојатно е на крајот да биде постигната согласност преостанатите отворени прашања да бидат разработувани во следните неколку недели, а во нив би учествувале како двете етнички групи, така и државите-гаранти.