1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинезите доаѓаат? И добро е што е така!

Хенрик Беме Превод:СН7 февруари 2016

Се чудат и стручњаците и лаиците: инвеститори од Кина за милијарди евра купуваат европски фирми. Кај некои тоа предизвикува страв. Но, што има лошо во тоа? Ништо, смета Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/1HqQn
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Hong

Пораката е јасна: кинескиот државен концерн „ХемКина“ е подготвен да плати 43 милијарди евра за швајцарскиот хемиски концерн „Сингента“, специјализиран за производство на растително семе и средства за заштита на растенија. Ако тоа навистина се случи, тоа ќе биде најголема кинеска инвестиција во некоја европска земја. Тое е речиси двојно повеќе од износот на сите кинески инвестиции во Европа во минатата година (22 милијарди евра). И минатата година „ХемКина“ беше еден од најактивните актери: во италијанскиот производител на гуми „Пирели“ инвестираше 7 милијарди евра, а во германската фирма за производство на машини „Краус-Мафај“ речиси една милијарда. Некои притоа ги облева ладна пот, бидејќи во тоа гледаат распродажба на Западот. Но тоа е чиста глупост.

Кинеските фирми само ги работат своите домашни задачи. Тие го спроведуваат она што го смислила Комунистичката партија. А во Кина Партијата е се’ уште во право. Од една страна, Кинезите сакаат да се ослободат од имиџот на светски работилници, кои со ефтини производи го преплавуваат светскиот пазар- иако Ајфоните на Епл „made in China“ се се’ само не ефтини. Кинезите по секоја цена мораат да ја реформираат својата економија. Тие сакаат и мораат да продрат во областа на високата технологија и затоа и во Европа целно бараат високо технолошки фирми- на пример, оние кои се водечки во областа на вмрежената индустрија, т.н. индустрија 4.0. Поради тоа е разбирливо тоа што соодветни партнери бараат и во Германија.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Никој не треба да се плаши

Кога пред три недели беше направена зделката меѓу Кинезите и „Краус-Мафај“, се случија неверојатни работи: и менаџментот и работниците сложно го поздравија новиот сопственик. Воодушевен беше дури и синдикатот. Не е ни чудо. „ХемКина“ вети дека ќе ги задржи сите фабрики, сите работници, и најави оти ќе бидат отворени и нови работни места. Навистина, иднината ќе покаже колку вредат овие ветувања. Во Франција, имено, во моментов може да се види како работите можат да тргнат и поинаку. Наместо отворање на ветените нови работни места, американскиот гигант “Џенерал Електрик“ масовно отпушта луѓе од фирмата „Алстом“ која ја презеде. Но тоа го споменуваме само попатно, бидејќи германските средни претпријатија, кои досега ги презедоа кинески сопственици, засега имаат претежно добри искуства. Поголемиот број од нив тоа го гледаат и како можност за полесно освојување на кинескиот пазар, кој иако во моментов преживува предиод на слабост, и натаму останува еден од најпривлечните во светот.