1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина пред епохален чекор - неограничен мандат за Ши Џинпинг

Ханс Шпрос
5 март 2018

Кинескиот Народен конгрес со уставни промени треба да ја зголеми моќта на Ши Џинпинг. Важна точка на овогодишното заседание на Народниот конгрес е и основањето на супер-институција за борба против корупцијата.

https://p.dw.com/p/2thpE
Yu Zhengsheng und Xi Jinping
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/N. H. Guan

Она што во октомври беше најавено на 19. конгрес на Комунистичката партија на Кина - трасирање на патот за неограничен мандат на кинескиот престедател Ши Џинпинг по 2023 година, сега треба да добие благослов од Националниот народен конгрес. Годишното заседание почна денеска, а ќе трае речиси две недели. Заклучокот на раководството на Комунистчката апртија на Кина му беше доставен на Народниот конгрес дури пред 6 недели. Исто како персоналните решенија во владата, и планираната промена на Уставот е практично готова работа, а гласањето во Народниот конгрес важи за формалност. Набљудувачите и критичарите сепак на нив гледаат како на важна етапа на кинескиот пат кон централизирана лидерска држава, која се збогува од идејата на колективно раководство и - барем теоретското - одвојување на партијата од државата.

Повеќе:  Ши Џинпинг - големиот кормилар 2.0

Притоа, не се работи само за подигање на горната граница до два мандата за претседателот на државата. На годинашното заседание на Народниот конгрес првпат со Уставот треба да биде конкретно пропишано дека партијата раководи со земјата. Тоа досега беше содржано само во Преамбулата.

Критика за новиот курс

Промената на курсот на кинеската држава во насока на владеење на една личност, кај населението, природно, не наидува само на согласност. Блогер, кој се именува како Ванг Јинг, на интернет објави еден вид манифест. Еве дел од него: „Свесен сум дека е можно промените на Уставот да бидат едногласно донесени од страна на Народниот конгрес, но како граѓанин на оваа земја мора да се срамам ако барем не ги искажам гласно моето несогласување со ваквата постапка. Значи, НЕ за промени на Уставот.“ За да ѝ ја отежне работата на цензурата, авторот својот текст го има објавено каки графика и завртен „на глава“ за да потенцира дека предлог-измените одат во „обратна насока“.

Новинарот Ли Датонг, чиј критички магазин „Бингдиан“ (Точка на замрзнување) беше запрен во 2005 година по наредба на институцијата за цензура, од делегатите на Народниот конгрес кои доаѓаат од неговиот изборен округ побара да гласаат против промени на Уставот: „Гласајте ве молам против промена на параграфот 14 до Уставот!“ Образложението на Ли Датонг гласи: Уставот, по Културната револуција во 1982 година, поради добри причини го ограничи владеењето на два мандата. „Промената би значела како да сме го ставиле менувачот во рикверц во процесот на напредок на историјата.“

China Nationaler Volkskongress Li Keqiang
Заседанието на Националниот народен конгрес ќе трае речиси две неделиФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Wong

За да го омекне незадоволството, партискиот орган Ренмин Рибао (Народен весник) напиша дека бришењето на ограничувањето на два мандата за претседателите на државата не значи автоматски и дека една личност ќе владее доживотно. Промената на Уставот не менува ништо во постојните правила за пензионирање на партиското и државното раководство, значи 65 и 68 години за високи и највисоки државни и партиски функции. Но, „Народен  весник“ исто така појаснува и дека функциите генерален секретар на КП на Кина, престседател на државата и претседател на Централната воена комисија и натаму ќе бидат во рацете на една иста личност.

Повеќе:  Зошто Кина инвестира на Балканот?

Нова комисија за борба против корупцијата

Важна точка на овогодишното заседание на Народниот конгрес е и основањето на супер-институција за борба против корупцијата. Новата „Национална комисија за надзор“ би требало да соработува со Комисијата за дисциплинска контрола, која досега беше надлежна само за партискиот кадар, за да може да презема мерки и против нормални државни службеници без партиска книшка, кои се идеолошки неподобни и/или се осомничени за корупција. Осомничените ќе можат да бидат затворани без правна помош и по неколку месеци. Ши уште во својот говор на партискиот конгрес есеноска стави јасно дознаење дека новиот систем ќе биде воведен, независно од критиката на повеќе познати правници во Кина.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид