1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Тензии по новиот ракетен тест на Пјонгјанг

СН/ агенции
29 јули 2017

Американскиот претседател Доналд Трамп новиот ракетен тест на Пјонгајнг го осуди како „безобѕирен и опасен“. Севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун пак порача дека тестот е „сериозно предупредување“ до САД.

https://p.dw.com/p/2hLIb
Nordkorea Kim Jong Un Freude über den erfolgreichen Raketenstart
Фотографија: Reuters/KCNA

Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, изјави денеска дека вториот тест на интерконтиненталната балистичка ракета покажала оти неговата земја може да ја погоди територијата на САД.

Северна Кореја во вчеравечер (28.7.) изврши тест на втора интерконтинентална балистичка ракета која леташе подалеку и подолго отколку првата, соопштија земјите од регионот.

Ким рече дека ракетниот тест на Северна Кореја претставува „сериозно предупредување“ до САД, кои бесмислено „трубат“ со закани за војна и заострување на санкции, пренесе севернокорејската новинска агенција КЦНА.

КЦНА уште пренесе оти Ким изразил „големо задоволство“ затоа што ракетата „Хвасонг-14“ достигнала максимална висина од 3.725 километри и преминала 998 километри пред прецизно да слета во водите во близината на Јапонија.

Nordkorea - Raketentest
Фотографија: Reuters/KCNA

Агенцијата јави дека пробата е изведена со цел да се потврди максималниот дострел и други технички аспекти на ракетата која, како што е наведено, може да носи „голема, тешка нуклеарна боева глава“.

Аналитичарите проценија оти првиот севернокорејски тест на интерконтиненталната балистичка ракета, изведен на 4 јули, може да стигне до Аљаска, но дека со последната ракета е проширен овој дострел.

Непосредно по севернокорејската проба, САД и Јужна Кореја изведоа заедничка вежба за да ја демонстрираат својата борбена готовност, соопштија американските власти.

Владата на Јапонија соопшти оти ракетата на Северна Кореја во петокот вечерта летала околу 45 минути, односно 5 минути подолго отколку претходната, лансирана на почетокот на јули. Американското Министерство за одбрана соопшти дека вчерашната ракета од Северна Кореја е интерконтинентална и оти прелетала околу 1.000 километри пред да падне во море.

Пентагон јави оти по тестот американските и јужнокорејските официјални лица разговарале и споменале можна опција за „воена реакција“.

Japan Tokio Monitor zeigt Informationen zu Raketentest Nordkoreas
Фотографија: Reuters/T. Hanai

Американскиот претседател Доналд Трамп во пишана изјава наведе дека овој ракетен тест претставува закана за целиот свет и ги отфрли тврдењата на Северна Кореја оти нуклеарното оружје служи за безбедност на земјата, порачувајќи дека новиот тест уште повеќе ќе го изолира Пјонгјанг, а оти САД ќе ги преземат сите мерки да осигураат безбедност. 

ЕУ го осуди новиот ракетен тест на Северна Кореја оценувајќи дека претставува „сериозна закана за меѓународниот мир и безбедност“. Во соопштението на ЕУ властите во Пјонгјанг се повикуваат да се воздржат од „натамошни провокации, кои би довеле до дополнителни регионални и светски тензии“. Кина истотака го повика Пјонгјанг да се воздржува од натамошни провокации. 

Северна Кореја спроведе десетици ракетни и нуклеарни тестови од почетокот на 2016 година. Нуклеарната и балистичката програма на Северна Кореја се забранети со резолуции на Советот на безбедност на ОН.