1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кајзерот Бекенбауер мора да се симне од тронот

Јенс Крепела/превод: З. Јордановски 12 ноември 2015

Франц Бекенбауер е клучна фигура кај матните махинации во врска со доделувањето на организацијата на СП во фудбал 2006. Неговото молчење е полошо отколку да изнесе на виделина било која горка вистина, смета Јенс Крепела.

https://p.dw.com/p/1H4aB
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Sulejmanovic

Фудбалскиот кајзер Франц Бекенбауер одбра погрешен начин на однесување во скандалот што го потресува Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ). Зад затворена врата тој навистина одговори на некои прашања во врска со неговата улога во сомнителното доделување на организацијата на светското првенство во 2006. година, но ни оддалеку вистински не придонесе за расветлување на работите. Тоа ја покажува темната страна на од успех разгалената „светла фигура“ на германскиот фудбал: ароганција и одредена мера на бескрупулозност. Оти, консеквенциите од молчењето на кајзерот ги трпат други: на пример Волфганг Нирзбах, кој во понеделникот поднесе оставка на функцијата претседател на ДФБ. На кајзерот, централната фигура во сферата, не му фали „влакно од главата“.

Ни е под истрага, ниту има функции

Зошто е неговото однесување неприфатливо? Одговорот се крие во прашањето, што му се заканува на Бекенбауер ако ги отвори картите? Според сегашната состојба на работите - ништо! Правно тој нема од што да се плаши. Евентуалната корупција би била одамна застарена. Во истрагата против ДФБ поради затајување данок тој не е меѓу осомничените. А 70-годишниот Бекенбауер веќе нема ни некоја функција што би можел да ја загуби со обелоденување на сомнителните зделки.

Jens Krepela
Јенс КрепелаФотографија: Privat

Пад на една икона?

Останува, значи, само дека може да страда неговиот углед. Во фудбалот и околу него речиси нема ништо, што Бекенбауер веќе не постигна: од титулите светски првак како играч до шеф на стручниот штаб на репрезентацијата. Како функционер се избори Германија да ја добие организацијата на СП во 2006, што него дефинитивно го крена во повисоки сфери. Премногу високи, како што гледаме сега. Тоа првенствено се однесува на неговиот поглед врз нас, новинарите. Долго време никој не се осмели критички да го расветли дејствувањето на кајзерот. Напротив, кога сепак се појавија прекори, некои медиуми агресивно го бранеа Бекенбауер.

И светлите ликови се само луѓе

За да се расветли аферата, кајзерот мора да се симне од тронот. Да се надеваме дека притисокот на јавноста ќе придонесе за тоа. Во крајна линија тоа е прашање на чест и интегритет спрема старите колеги и спрема ДФБ, на кои Бекенбауер треба да им е благодарен за некои работи. Тешко е да се замисли дека би можеле да излезат на виделина работи кои навистина трајно би го загрозиле неговиот статус на фудбалска икона. Најголемиот дел од неговите заслуги воопшто не се засегнати од ова - и во тој поглед кајзерот одвај да има од што да стравува. Тоа го прави неговото молчење дотолку полошо. Затоа, време е тој да го промени својот став. Мене во секој случај би ми бил помил покајнички фудбалски идол со слабости, отколку некој недопирлив фудбалски кајзер.