Катастрофа без крај
4 април 2011Од јапонската атомска централа Фукушима 1 и денеска пристигнуваат застрашувачки вести. Техничарите во уништената постројка се изложуваат на голем ризик обидувајќи се да спречат да истекува радиоактивна вода во морето. Сите обиди да се затвори пукнатината досега пропаднаа. Беше употребена и бела боја за да се утврди текот на радиоактивната вода во постројката и да се пронајдат евентуални други пукнатини. Меѓутоа обоената вода не стигна до отворот, поради што се стравува дека водата неконтролирано се впива во земјата. Истекувањето на контаминираната вода пак спречува натамошно ладење на прегреаните нуклеарни прачки. Како алтернатива, инженерите ја испитуваат можноста да работат со подобрено воздушно ладење.
Иако реакторите еден, два и три се приклучени на електричната мрежа, Хедехико Нишијама, претставник на јапонските атомски власти и натаму е претпазлив: „Има низа предизвици кои треба да ги надминеме, пред се’ ладењето на јадрата на реакторите, потоа испумпувањето на озрачената вода, мораме да спречиме натамошно истекување на радиоактивност. За некои мерки ќе бидат потребни повеќе недели, дури и месеци. Некои можеби ќе траат уште подолго.“
Според агенцијата Кјодо, во меѓувреме е измерено пречекорување на дозволените гранични вредности на радијација и на 30 километри од нуклеарката. Германската метеоролошка служба пак прогнозира, поради промена на правецот на ветерот, се стравува дека радиоактивни честички до среда би можеле да стигнат до повеќе милионската метропола Токио.
Автор: АТ/ СН/ ПК/ дв/
Редактор: Жана Ацеска