1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катанец на грчката државна телевизија!

ЖА/дпа/ртре12 јуни 2013

Грчката радио и телевизиска станица ЕРТ веќе 75 години е институција во медиумскиот простор. Владата реши да ја затвори за да заштеди трошоци. Грците во земјата и во странство се гневни.

https://p.dw.com/p/18o2g
Фотографија: Reuters

По ненадејната одлука на владата во Атина да ја затвори привремено државната телевизија поради штедење, ноќеска (11/12.06) еден по еден се исклучени телевизиските програми. Околу еден час пред полноќ, во Атина остана само еден канал на државната телевизија. Со работа прекина и радиостаницата. Претходно грчкото министерство за финансии соопшти - ЕРТ веќе не постои.

Со тоа завршува ера од 75 години во грчката медиумска историја. Првата државна радио програма започна во 1938 година. Денес има три
телевизиски канали, седум национални радиопрограми и 19 регионални. ЕРТ важеше меѓутоа за еден од последните бастиони на грчкиот систем на непотизам. 

Околу 2900 техничари, вработени и новинари, останаа без работа, известуваат грчките медиуми. Ним би требало да им биде исплатена отпремнина.

„Не постои света крава која не би можела да се заколе, кога веќе се штеди насекаде“, изјави Симос Кедикоглу, владин портпарол. Државното радио и ТВ се класичен пример за „незамисливо расфрлање“ со пари од 300 милиони евра годишно и седум пати повеќе персонал во споредба со сличните медиуми. ЕРТ е „расипнички рај“, тврди тој.

Griechenland - ERT Fernsehsender
Катанец по 75 години работаФотографија: Getty Images

Засега не е јасно колку долго ќе трае прекинот на работата на ЕРТ. Планирано е во следните месеци да биде изработен концепт за нова државна радио-телевизија со околу илјада вработени.

Синдикатот на вработените на ЕРТ соопшти дека конзервативната влада, настојувајќи да остане на линија со кредиторите од ЕУ и ММФ, е подготвена да ги жртвува јавната телевизија и радио. Синдикатот на јавниот сектор Адеди го прогласи затворањето на државните медиуми за државен удар.

Синоќа пред телевизијата беа собрани на протести илјадници граѓани. Многу Грци од странство телефонски и преку интернет бараат повлекување на одлуката на владата. И грчкиот владика Хиронимус затворањето на ЕРТ го нарече „незамисливо“.

Повеќето политички партии во земјата исто така ја осудија одлуката за затворање на ЕРТ, вклучувајќи и две од партиите од владината коалиција - Социјалистичката ПАСОК и Демократската левица ДИМАР.

Планираното масовно отпуштање на вработените од ЕРТ ПАСОК го оцени како „несмасна, неподготвена и непромислена мерка“. Опозициската Коалиција на радикалната левица (СИРИЗА) ја покажа својата подготвеност за борба со владата за иднината на ЕРТ заедно со неговите вработени. Комунистичката партија предупреди дека овој чекор на властите ќе има „сериозни последици за народот“.

Griechenland Schließung staatlicher Rundfunk
Илјадници демонстранти се спротивставија на одлуката за затворање на ЕРТФотографија: Louisa Gouliamaki/AFP/Getty Images

Критики на сметка на одлуката на грпката влада стигнаа и од Европа. Европската радиодифузна унија остро реагираше на одлуката на владата во Атина.

Европската радиодифузна унија, ЕБУ, го повика грчкиот премиер да го укине
решението за запирање на работата на државното радио и телевизија со
образложение дека постоењето државни медиуми и нивна независност е особено важно за демократските општества.

„Какви било промени во тие медиуми треба да бидат спроведени само по
отворена и широка дебата во парламентот, а не само со договор меѓу двајца министри“, се вели во писмо до Самарас од претседателот на ЕБУ, Жан Пол Филипо и генералниот директор на ЕБУ, Ингрид Делтонр.