1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Касимис: „Заеднички ќе дојдеме до решение“

22 февруари 2008

Грчкиот заменик-министер за надворешни работи Теодор Касимис за Дојче Веле изјави дека евентуален неуспех на преговорите за името би бил неуспех за мирот и стабилноста на Балканот и во Европа

https://p.dw.com/p/DBoc
Атина
Македонското раководство интензивно деновиве расправа за најновиот пакет-предлози на посредникот на ОН Метју Нимиц во спорот околу името и се’ уште не се усогласи околу одговорот, Грција, според зборовите на министерот за надворешни работи Дора Бакојани, веќе побара од ОН подобрувања и појаснувања во текстот. Засега не изгледа како да е на повидок решение на спорот. Значи ли тоа дека работите одат во насока кон грчко вето за прием на Македонија во НАТО? За ова заменикот на Бакојани, Теодор Касимис, во интервју за Грчката програма на Дојче Веле изјави: „Не, не верувам. Цврсто сум уверен дека ќе надвладеат разум и одмереност, така што заеднички ќе дојдеме до некое решение. Скопје тогаш без натамошни проблеми ќе може да пристапи кон НАТО“. На прашање што би се случило по евентуално грчко вето, а македонската страна ја прогласи за неважечка Привремената спогодба - би бил ли тоа дипломатски пораз за Грција, Касимис одговори: „Ако дојде до таму, тоа би бил пораз за стабилноста на Балканот и на Европа. Ние мораме да ги имаме предвид сите аспекти, ако навистина опстојуваме врз визијата за една обединета, стабилна и економски развиена Европа. Грција е цврсто уверена дека не се ангажира само за себе, туку и за земјите - наши соседи. Имаме голем интерес за позитивен развој на Балканот. Наша цел е развој на политичка соработка, мир и на стабилност во регионот“ - рече, покрај другото, грчкиот заменик-министер за надворешни работи Теодор Касимис во разговор за Дојче Веле.