1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каритас: Сѐ уште има многу бегалци на Балканот

К.А.Шолц / Н.Домазетовиќ18 јули 2016

Католичката хуманитарна организација Каритас на својата годишна конференција во Берлин предупреди дека на Балканот ни оддалеку не се згрижени сите бегалци.

https://p.dw.com/p/1JQ0W
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Во земјите на Балканот сѐ уште има десетици илјади бегалци кои одвај преживуваат во катастрофални услови, предупредува претседателот на германската канцеларија на хуманитарната организација Каритас, свештеникот Петер Неер.

На годишната конференција за новинари во Берлин, Петер Неер се повика на бројките на ОН, според кои повеќе од 50.000 бегалци на Балканот моментално живеат во импровизирани живеалишта, бидејќи се плашат да живеат во прифатните центри. Тоа е последица на договорот меѓу Турција и ЕУ, и тие стравуваат дека можат да бидат протерани во Турција. Наместо тоа, бегалците се надеваат дека некаде ќе се појави „пукнатина во тврдината на ЕУ“ низ која ќе можат да се пробијат кон северот на континентот.

Каритас ја предупредува ЕУ дека мора да им помогне на земјите како Грција, бидејќи тие едвај успеваат да ги задоволат основните потреби на бегалците. Хуманитарната организација исто така остро ги критикува и различните договори и спогодби за бегалците кои ЕУ ги склучи со трети земји. ЕУ не смее да ја префрли својата одговорност на други земји, како на пример Либија, со тоа што ќе им даде повеќе пари, а така подобро ќе ги заштити своите граници. „Не смееме да дозволиме авторитарни режими, политички нестабилни, па дури и практично распаднати земји за нас да ги влечат костените од огнот“, вели Неер.

Peter Neher Präsident des Deutschen Caritasverbands
Петер НеерФотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Исто така, за него е неразбирливо како може бегалците од Авганистан да се протеруваат назад во земјата. Секој што знае што се случува во таа земја е свесен дека талибанците сѐ повеќе ја зголемуваат територијата што ја држат под контрола и знаат дека ситуацијата во Авганистан е сѐ потешка од ден, на ден.

Проблем: хуманитарните организации не смеат да помагаат

Раководителот на Картитас Интернационал, Оливер Милер, предупредува дека во Сирија се заканува нова хуманитарна катастрофа. Најлошо е тоа што католичката хуманитарна организација нема ниту пристап до подрачјето во кое се проценува дека живеат 600 илјади бегалци, а згора на тоа Каритас не се единствени кои имаат таков проблем. „Никој всушност не знае што таму навистина се случува“, се жали Милер.

Oliver Müller Leiter Caritas International 17.07.2013 Berlin
Оливер МилерФотографија: picture-alliance/dpa

Причина за тоа се вооружените групи кои не веруваат ниту на Каритас ниту на многу други хуманитарни огранизации дека навистина се неутрални и дека сакаат само да им помогнат на бегалцитге и затоа им оневозможуваат пристап. Особено е критично на југот на Сирија и за тие бегалци во Европа малку се знае, бидејќи се обидуваат да избегаат во Јордан. За жал, оваа земја ги затвори границите плашејќи се дека меѓу бегалците е можно да има и екстремисти на „Исламската држава“. Сепак, таму барем можат да дојдат екипи на ОН, но во наредните недели ситуацијата ќе се влоши. Затоа е нужно да се најде некакво политичко решение и на тие луѓе да им се овозможи да отидат во Јордан.

Сепак нешто позитивно..

Уште од почетокот на борбите, Каритас им помагаше на бегалците во Сирија и околните земји. Како што тврдат во Каритас, организацијата успеала да им помогне на преку милион луѓе, а од почеток на кризата во помош биле донирани околу 55 милиони евра.

На самиот крај, германскиот Каритас објави донекаде утешна вест: граѓаните на Германија воопшто не се незаинтересирани за судбината на овие страдалници и подготвени се и со свои прилози да променат нешто.

Всушност, речиси сите хуманитарни организации забележаа зголемени приходи минатата година, па така и Каритас доби многу повеќе донации од граѓаните и придонеси од јавните средства: во 2015 приходите пораснаа за 24% на 85 милиони евра.