1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Караџиќ во судницата на Хашкиот трибунал

Џевад Сабљаковиќ1 август 2008

Обвинетитот за воени злосторства, Радован Караџиќ тврди дека своевремено добил понуда од Ричард Холбрук да се повлече од јавниот живот за што во замена САД би ги исполниле „своите обврски“. Холбрук демантира.

https://p.dw.com/p/EoDe
Радован Караџиќ ќе се брани самФотографија: AP

Пред судијата Алфонсо Ори не се појави побелениот старец со брада, под лажно име Драган Дабиќ, туку обвинетиот, на целата светска јавност познатиот, Радован Караџиќ, навистина, со нешто промената фризура, во однос на онаа од пред 15 години и послаб и постар отколку на сликите и видео-снимките, кога со својата воена реторика се закануваше дека ќе ги истреби Бошњаците во Босна и Херцеговина. На барањето на судијата да го каже своето полно име и презиме, обвинетиот рече: „Радован Караџиќ.“

Тоа беше првото нешто што поранешниот претседател на Република Српска го кажа во Хашкиот трибунал. Потоа судијата го прочита сижето на обвинението, во кое Караџиќ се товари за геноцид и соучество во геноцид и за злосторства против човештвото, сторени во периодот меѓу 1-ви јули 1991-ва и 30-ти ноември 1995-та, со цел делумно или целосно да се уништат Бошњаците и босанските Хрвати во Бјелина, Зворник, Приједор, Вишеград и во уште 15 босанско-херцеговски општини. Караџиќ е обвинет и за опсадата на Сараево и на крајот, заедно со командантот на војската на Република Српска, Ратко Младиќ, за геноцид во Сребреница, во јули 1995-та. Одговарајќи на прашањата на судијата Ори, обвинетиот изјави дека сака да се брани сам и рече дека во периодот од 1996-та до 1998-ма бил подготвен да се појави пред трибуналот, по наводно официјалниот договор со Ричард Холбрук. Поради тоа што, според неговото тврдење, тогашниот главен обвинител, Ричард Голдстон одбил да го повлече обвинението, животот му бил постојано во опасност: „Морам да кажам дека овде се работи за живот или смрт. Ако господин Холбрук и сега ја посакува мојата смрт и жали штоп нема смртна казна, јас се прашувам дали неговата рака е толку долга за да ме стигне овде?“

Холбрук вчера, за Си-Ен-Ен демантираше, тврдејќи дека кога Караџиќ исчезнал, самиот лансирал дезинформации во јавноста дека постигнал договор дека ќе избегне судење за воени злосторства доколку се повлече од јавниот живот.

Караџиќ во судницата на Хашкиот трибунал тврдеше и дека е нелегално уапсен во Белград: „Мора да кажам дека во Белград сум уапсен нерегуларно. Три дена бев грабнат од цивили чиј идентитет не ми беше познат, ме држеа на непознато место, немав право на телефонски повик, ниту на СМС порака за пријателите да не ме бараат по болници и мртовечници. По 74 часа сум предаден на специјалниот суд, по што се‘ беше регуларно. “

Со оглед на тоа што Караџиќ ја искористи можноста изјаснувањето по обвинението да го одложи за еден месец, ново изјаснување е закажано за 29-ти август.