Канадската врата ширум отворена за доселеници
1 ноември 2016И во наредната година бројот на нови доселеници во Канада би требало да биде отприлика како годинешниов, но разликата ќе биде во „профилот“ на мигрантите. Имено, меѓу 300.000 нови доселеници во 2017 година, мнозинство треба да сочинуваат оние кои се доселуваат поради економски причини, односно за работа, додека бегалците кои во прва линија бараат заштита би требало да бидат во помал број.
Доселувањето игра „важна улога во задржувањето на конкурентноста во еден глобализиран свет“ и дејствува спротивно на тенденцијата на стареење на канадското општество, изјави министерот за доселување Џон Меккалум.
Бројот од 300.000 доселеници годишно ќе остане ориентациона бројка и во наредните години, рече министерот.
Според плановите на Канада, во 2017 година треба да бидат примени и да им биде дадена дозвола за работа на 172.500 доселеници. Контингентот за бегалци треба да изнесува околу 40.000, односно 16.000 помалку отколку годинава. Паралелно со тоа, треба да се зголеми бројот на лица кои во Канада доаѓаат врз основа на спојување на семејството. Наредната година во Канада треба да пристигнат 84.000 роднини на бегалците, или 4000 повеќе отколку во тековнава година. Од 4 ноември 2015 година досега Канада има примено 33.200 Сиријци, од кои 22.300 имаат поднесено барање за доселување во земјата.
Експертот за истражувања на пратеничката група на германските Зелени, Каи Геринг, смета дека Германија треба да се угледа на Канада: „Она што може Канада, треба да може и Германија. Паметен закон за доселување во Германија беше неопходен уште пред 20 години.“