1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Како се вика Македонија ? “

Тони Гламчевски27 август 2008

САД можат да замафтаат со морковот за членство во НАТО за да го наведат премиерот од Скопје да омекне, заклучува париски „Ле Монд“. Грчкото вето е единственото оружје на Атина за да го наведе Скопје на компромис.

https://p.dw.com/p/F5aD
„Замрзнат конфликт“ меѓу Скопје и Атина, анализира „Ле Монд“Фотографија: DW

Вниманието на париски „Ле Монд“ е насочено кон еден „замрзнат конфликт“ - „Како се вика Македонија?“

Во анализата новинарот Даниел Верне ги потсетува читателите на историјатот на конфликтот. Спорот со името на Македонија се појави во 1992 година. Дотогаш, сé беше едноставно. Македонија беше федерална република на Југославија и никој не внимаваше на името. Се‘ стана поинаку кога таа стана независна. Грција го оспори правото на земјата да го користи терминот „Македонија“, со образложение дека има само една Македонија и таа е грчка.

На времето, обидите за компромис завршија со неуспех. Посредникот на ОН Метју Нимиц, сега се обидува да ја разреши тешката задача, за да им дозволи на луѓето од Скопје да го задржат името Македонија во називот на нивната држава, без да им се остави впечаток на Грците дека цела Македонија е... македонска. Пред петнаесет години грчката влада се спротистави на користењето на сложено име. Денес таа прифаќа, ама Скопјаните тоа не го сакаат повеќе.

Влошување на работите

„Ле Монд“, кој уште од почетокот со внимание го следи спорот меѓу Македонија и Грција, констатира дека „последниве недели, работите се влошија, откако македонскиот премиер Никола Груевски започна да ги бомбардира со запалливи писма генералниот секретар на ООН, претседателот на Европската комисија, генералниот секретар на НАТО и шефовите на држави и влади од земјите членки на ЕУ. Во секое од писмата има едно ново барање. Повеќе не станува збор само за името на Републиката. Груевски го отвора прашањето за македонското малцинство во Грција, кое грчката држава не го признава како такво. Тој го отвора и прашањето за Македонската православна црква. Тој сака аеродромот во Солун да прекине да се вика Македонија, за да им се освети на Грците, кои протестираа кога Скопјаните му го дадоа името на грчкиот и... македонски херој Александар Велики, на нивниот аеродром.“

Несогласувања меѓу претседателот и премиерот

„Тоа што е претерано, е незначајно“, велеше Талеран, поранешниот француски министер за надворешни работи. Така и Грците, според париски „Ле Монд“, ги примија овие барања со хумор. Тие можеби беа помогнати и лично од македонскиот претседател Бранко Црвенковски, кој смета дека неговиот премиер и‘ штети на каузата на земјата. Вистина е, констатира „Ле Монд“, дека станува збор и за внатрешната политика. Шефот на државата и шефот на владата се од две различни ривалски политички партии, а изборите не се далеку.

Сето ова ќе изгледаше како смешните кавги од некој роман, ако руско-грузиската војна не ја усложни приказната - читаме во париски „Ле Монд“.

Единствено грчко оружје за компромис

Во април за време на самитот на НАТО, Атина стави вето за членството на ПЈРМ, која сакаше да се вика Македонија. За да постигнат поени против Русите, кои го посрамотија нивниот грузиски сојузник, Американците сега сакаат да продолжат со проширувањето на Алијансата. И тоа за време на декемврискиот состанок на министрите за надворешни работи. Скопје е првиот на листата. Ако кавгата за името не е решена, Грција, и покрај американските притисоци, повторно ќе го искористи правото на вето. „Тоа е нејзиното единствено оружје за да извлече компромис.“ – смета „Ле Монд“. Така една провинцијална караница може да има геополитички последици, кои ги надминуваат двата протагонисти. Но не е се‘ изгубено. САД можат да замафтаат со морковот за членство во НАТО за да го наведат премиерот од Скопје да омекне, заклучува „Ле Монд“.

Весникот потсетува, дека во деведесетите години, кога пред Франсоа Митеран тогашниот грчки премиер Константин Мицотакис споменал дека земјата може да се вика „Републиката од Вардар“, Митеран, со презир го прашал: дали не претерува малку.