1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како не’ мамат во продавниците

Анѓелко Шубиќ / К. Краљевска31 август 2015

Трговскиот синџир „ДМ“ одлучи да ја тргне од полиците пастата за заби Дентагард на компанијата „Колгејт“, бидејќи на пазарот продаваше помало пакување - за иста цена. Но, всушност, измамите на полиците се секојдневие.

https://p.dw.com/p/1GOWJ
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Kaiser

Во германскиот синџир на продавници „ДМ“, полиците каде што инаку стои пастата за заби на Дентагард, се празни и наместо нив стои објаснување: концернот „Колгејт“ одлучи на пазарот да испрати „ново“ пакување на својата паста за заби, во кое веќе нема да има 100, туку 75 милилитри паста за заби, но со иста цена - 75 центи. Трговскиот концерн заклучи: „Иста цена за помало количество: тоа не оди“.

Иако овој трговски синџир на козметички производи со ваквата одлука предизвика голем интерес кај германската јавност - и одлична реклама како „заштитник на интересот“ на купувачите, всушност ова е исклучок. Не во методите со кои клиентите се „водат жедни преку вода“, туку во тоа дека воопшто некој реагира на таков „деловен“ потег.

Бидејќи, во никој случај не е исклучок како - може да се каже лесно - производителите ги мамат купувачите. Тоа се случува со козметичките, а уште почесто со прехранбените производи. Не мала заслуга во тоа сепак има една одлука на Европската унија, која во 2009 година го укина упатството за задолжителни, „заокружени“ количества на производи кои се наоѓаат во продавниците.

Не мора да се „заокружува“

На пример, млекото: до 2009 година во ЕУ имаше пропис дека млекото смее да се продава само во пакувања од половина, три четвртини и еден литар. Слично беше и за водата, освежителните пијалоци и овошните сокови. По 11 април 2009 година такво „задолжително“ пакување важи само за виното и жестоките пијалоци, а останатите може да пакуваат како што сакаат.

Одлуката на Брисел е заснована врз фактот дека во ЕУ има се’ повеќе индивидуални домаќинства (со еден член), на кои не им треба „нормално“ пакување. Од друга страна, тоа кај млекото отвори и можност за т.н. „семејни пакувања“, какви што Европејците можеа да видат на полиците во американските супермаркети, каде млекото најчесто се продава во пакувања од „половина галон“ (околу 1,89 литри) - во европска верзија, 1,5 литри. Но, всушност веќе не постои регулатива млекото да не се продава и во пакувања од, на пример, 0,922 литри - ако тоа јасно е наведено на амбалажата. Тогаш станува збор само за „пристојност“ на производителот и трговецот за помало пакување да бараат и пониска цена.

А таа пристојност, кусо кажано, пречесто едноставно ја нема. На пример, кај јогурт и млечни производи, кои обично се пакуваа во 0,2 литри, масовно се наоѓаат пакувања од 0,15 литри кои ретко чинат помалку од „обичното“. Особено „креативни“ се пакувања на количества кај производи кои се релативно обемни, но лесни, како што се пуканки или чипс.

Но, ниту кај производи каде што е очигледно колку содржина има, нема ни трошка страв и срам. Не многу одамна производителот на пелени „Памперс“ го намали бројот на пелени во своите пакувања од 47 на 31 - и тоа постепено, во пет етапи. Чуда се изведуваат и со таблети за машини за садови и затоа на производителите им е многу важно и прашокот за перење алишта да го продаваат „хигиенски“, во пакување за едно перење кое ќе се потроши веднаш, независно дали перете само две кошули или постелнина за цело семејство.

Symbolbild funktionelle Lebensmittel
Дури и да успеете да прочитате што се‘ стои на етикетата од производот, многу помош немаФотографија: picture-alliance/dpa

Измама без прекршување на закон

„Новите“ пакувања најчесто не се помали од дотогашните, бидејќи на производителите им е важно да „заземат“ што поголема површина на полиците во супермаркетот. Но содржински се можни секакви изненадувања: чоколадата кои тежат 23 грама или кексите кои можеби ги има во ист број, но се се помали, па и вкупното количество е помало. Уште полошо е кога треба да се пресмета т.н. „количество на сува материја“: колку има масло, а колку риби во конзерва со риби? Колку плодови, а колку вода има во тегла компот? Многу често, купувачите немаат само впечаток дека „порано имаше повеќе“ во пакувањата.

Но, такви полесни пакувања не само што не се поевтини, туку се и поскапи, бидејќи тоа е „нова формула“, „нов рецепт“ или којзнае што „ново“. Поимот „ново“ практично не е дефиниран со прописите во малопродажбата, па лесно е „ново“ да е само количеството на некоја неважна состојка - и заработката на производителот, како и приходите на трговецот.

Здружението за заштита на производителите имаат бесконечен попис на такви измами на потрошувачите: тоа е особено присутно кај чоколади и слатки, но спектарот достигнува и до средства за чистење, прашок за перење и козметички производи. Тешко е да се каже дека било што од тоа е незаконско, бидејќи секое купување со закон е дефинирано како договорен однос на две страни, продавач и купувач. А, ако купувачот купил таков производ - сам си е виновен, иако најчесто немал алтернатива.

Supermarkt in Thessaloniki
Ништо во супермаркетот не е случајно - ниту како се распоредени производите и што е горе, а што долу, ниту каде се сместени касите...Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Papanikos

Со лупа во трговија

И додека овие „трикови“ со вкупното количество практично се веќе наше секојдневие во супермаркетите, многу полошо е какви се‘ трикови се користат со состојките. Се разбира дека е проблем што списокот на состојки, поради многуте јазици во Европската унија, обично е напишан со микроскопски букви. Тука се отвора и вистински златен рудник за начините како од купувачот да се направи будала.

Можеби не знаевте дека со желатинот, со многу маснотии (не мора дури да биде ниту млечна маст) и со уште неколку евтини состојки со додаток на „природна“ арома може да се направи речиси „вистинско“ сирење. Или дека една од главните состојки во производство на колбаси да е - мразот. Бидејќи навистина нема ништо поевтино од водата, само треба да се знае како од таа вода може да се направат виршли и така водата да се продава по цена на месо.

И кога се вели „природна“ боја или арома, тоа воопшто не значи дека има некаква врска со нешто што инаку со задоволство би го ставиле во уста: тоа можат да бидат и алги, чудни билки или дури производи од инсекти. Исто така, ако и на тегли од мармалад успеете да ја откриете „содржината на овошјето“, тоа воопшто не значи дека е тоа овошјето кое е насликано на теглата. Бидејќи, на пример, тиквата е омилена состојка на производителите на мармалад: неутрален вкус и конзистенција, и секако е поевтина од јагода или брусница.

„Е сега си мој!“

„Возењето“ на купувачите додека минуваат низ супермаркетите е наука која трговските синџири и производителите внимателно ја истражуваат со децении, иако малку од тоа стигнува до јавноста. Во тоа истражување учествуваат психолози, економисти, се мери дури и движењето на очите на купувачите кои влегуваат во продавница. Но, најважното правило гласи: не поскапувајте ги производите чии цени сите ги знаат - литар млеко или килограм шеќер, на пример.

Преку тие „референтни“ производи купувачот ќе одлучи дали таа продавница е „скапа“ или „евтина“. Но, кога купувачот ќе се затекне со количка во продавница - а и таа количка нема каде да ја остави додека барем нешто не купи - тогаш најчесто и пристојноста и чесноста остануваат пред вратите, а шансите купувачот воопшто да забележи таква измама се минимални.