1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како дополнително заработуваат пратениците?

Сабрина Пабст
7 август 2017

Секој четврти пратеник во Бундестагот, освен со пратеничка, се занимава и со некоја друга работа која му носи заработувачка. Дали таквите дополнителни „работички“ ја загрозуваат независноста на Бундестагот?

https://p.dw.com/p/2how3
Deutschland Sitzung des Bundestags in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Поголемиот број од пратениците во Бундестагот немаат дополнителни приходи поголеми од 1.000 евра месечно, односно, поголеми од 10.000 годишно кои мораат да ги пријават. Но, секој четврти пратеник, 178 од вкупно 630 пратеници, има дополнителна заработувачка која ја преминува оваа граница. Оние кои притоа најмногу заработуваат, го прават тоа како адвокати, имаат фарми, или се наоѓаат и во надзорните одбори на некои концерни. Сите тие заедно во таквите активности заработиле меѓу 27,5 и 48,7 милиони евра. Водечки на листата на заработувачка се оние кои се занимаваат со производство на шеќерна репка, одгледување на свињи и со експлоатација на биогас.

Пратеникот и земјоделец Јозеф Риф (ЦДУ) смета дека објавувањето на ваквите информации го дискредитира. Пратениците имаат обврска да ја пријават колкав им е обртот на средства, но не и вистинскиот профит. Ако во случајот на Риф му се одземат трошоците за персонал и материјал, неговиот приход од одгледување на свињи и околу 50 хектари ниви, кој се проценува меѓу 686.000 и 1,1 милион евра, излегува многу помал. „Најголем чист приход кој сум го остварил откако во 2009 година станав пратеник изнесуваше 11.000 евра во година“, рече тој за ДВ. И додаде дека во 2015 година имал загуба од 15.000 евра, бидејќи цените на житото и свињите биле лоши. „Оваа листа е сѐ само не сериозна - таа е произволна“, смета Риф.

Infografik Top-Nebenverdiener im Deutschen Bundestag ENG
Список на германски пратеници со највисоки дополнителни примања

Не е лесно да се биде фармер

Тој својата фарма 30 години ја водел сам. Кога станал пратеник во парламентот, вработил еден управник. „Не можам да се откажам од фармата, бидејќи децата ми се уште мали. Подоцна би можел да ја продадам или изнајмам, но со тоа ќе загубам независност“, вели. А ако ја задржи фармата, ќе може и натаму да живее од неа доколку веќе не биде пратеник на ЦДУ.

„Никој не може да очекува да се откажам од таа работа само затоа што сум влегол во политика“, вели еден друг политичар од ЦДУ, Ханс-Георг фон дер Марвиц. И тој се повикува на семејството и потребата да се осигура нормален живот кога ќе излезе од Бундестагот. А смета и оти има хендикеп во однос на колегите пратеници кои заработуваат пари така што држат предавања или семинари, бидејќи тие немаат трошоци за персонал.

Конфликт на интереси?

Парламентот во 2013 година го модернизираше системот на пријавување приход така што е поделен во 10 групи, најниската е меѓу 1.000 и 35.000 евра, а највисоката над 250.000 евра. Така приходите не мораат да се пријавуваат прецизно до цент, туку се наведува само групата во која спаѓаат.

Авторите на студијата наведуваат и еден пикантен податок. И Јозеф Риф и Ханс-Георг фон дер Марвиц се членови на парламентарната комисија за исхрана и земјоделство. За Грегор Хакмак, коосновач и директор на организацијата „abgeordnetenwatch.de“ тоа не е баш убаво: „Проблемот е во тоа што пратениците кои имаат фарми седат во таа комисија и одлучуваат за субвенции од кои тие самите профитираат“, вели тој за ДВ.

Infografik Außerparlamentarische Einkünfte ENG
Дополнителни примања по партии

Парламентот - пат за стекнување врски

Факт е и дека пратеничкот мандат на многумина им помогнал да почнат да се занимаваат со работи од кои дополнително заработуваат: „Ако пратениците пред крајот на својот мандат имаат повеќе дополнителни приходи отколку на почетокот, тогаш тоа е јасен знак дека благодарејќи на својот мандат дошле до врски кои им овозможиле дополнителна активност.“ Стручњаците како Хакмак постојано зборуваат дека транспарентноста не довела до намалување на обемот на дополнителна активност кај пратениците, и дека соодветните одредби би требало значително да се заострат.