1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како буџетот за МРТ се стопи од 0,7 на 0,5 отсто?

20 септември 2017

Граѓаните се ослободени од радиодифузна такса, но буџетскиот процент за финансирање на МРТ е помал и од она што јавниот сервис го добиваше преку наплата на такса. Како ќе влијае тоа врз продуктивноста и независноста?

https://p.dw.com/p/2kKnq
Symbolbild Medienfreiheit
Фотографија: Fotolia/picsfive

Граѓаните од идниот месец нема да плаќаат радиодифузна такса, но дали буџетскиот процент за финансирање на радиодифузната дејност е доволен за потребите на МРТ и за гарантирање на нејзината независност? Иако анализата на бројките не оди во таа насока, од Владата засега се фокусираат само на придобивката што ќе ја имаат граѓаните.

„Дадените ветувања кон граѓаните се реализираат. Од следниот месец граѓаните се ослободени од плаќање на радиодифузна такса, којашто непотребно ги оптоваруваше семејните буџети и создаваше проблеми со блокирани сметки, судски трошоци и извршители на врата. Македонската радио-телевизија, Македонската радиодифузија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, од следниот месец ќе се финансираат директно со пари од буџетот на Република Македонија. Законските измени со кои се укинува плаќањето на оваа јавна давачка, нема да важат ретроактивно“, потенцираше министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Од повеќе до помалку

Според она што вчера го изгласаа пратениците, за спроведувањето на предложеното изменување на законот ќе се одвојат 885 милиони денари на годишно ниво од буџетот на Република Македонија за 2018 година, односно 0,5% од вредноста на буџетот на годишно ниво. Предлагачот на законските измени смета дека „освен овие буџетски средства, како основен извор за финансирање МРТ може да остварува приходи од кабелските оператори и од приходи остварени со продажбата на програма произведена во МРТ, со што ќе се оспособи да продуцира програма со користење на сопствените технички и кадровски потенцијали за свои потреби или ќе ја продава на останатите комерцијални радиодифузери“.

Но, ако се има предвид дека според законот 75 отсто од одвоените буџетски средства одат за МРТ, а другите за Македонската радиодифузија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, тогаш јавниот сервис на годишно ниво ќе добие околу 10 милиони евра, односно помалку и од сумата што ја досега ја прибираше преку радиодифузна такса. За илустрација, МРТ лани добила околу 13 милиони евра од радиодифузна такса, а имала на располагање над 19 милиони евра. Разликата била надоместена од страна на Владата за потреби за дигитализација, технолошки развој, за снимање домашна продукција и т.н. И покрај тоа, јавниот сервис едвај преживуваше со стар долг кон УЈП од над 1,5 милиони евра, односно вкупни долгови над 2 милиони евра.

Macedonian Radio Television, MRT
Фотографија: Petar Stojanovski

Финансирање позиција на зависност?

Прашање на кое до овој момент нема одговор од надлежните, е како се стигна до решение за оваа намена да се издвојуваат 0,5 отсто од буџетот, кога во предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, (кој беше ставен на јавна расправа) тој процент беше фиксиран на 0,7 отсто. Но, дури и тој „повисок процент“ беше критикуван како недоволен од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Овие три организации до Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) доставија забелешки на предлог-законот, со предлог издвојувањето од буџетот да биде 1 отсто. 

Во нивното образложение се вели дека предлогот да се одвои 1 процент од државниот буџет за финансирање на МРТ, е резултат на долгогодишна и опсежна анализа во рамките на работната група на МИОА од 2014 година.

„Со скастрен буџет (0,7 отсто -н.з) МРТ нема да биде во можност квалитетно да ја оствари мисијата на јавен сервис (...) Единствен аргумент, со кој новата Влада не го прифаќа одвојувањето на 1 процент од буџетот за финансирање на МРТ, е лошата кондиција на буџетот. Ако е тоа вистина, тогаш како е можно Владата да нема пари да го покачи процентот од 0,7 на 1 процент, а може да најде пари за опремување на јавниот сервис по друга основа, како што е предвидено во предлог-законот: 'За постигнување и одржување на поголем степен на програмски и техничко-технолошкиот развој на јавниот радиодифузен сервис, можат да се издвојуваат и дополнителни средства и од буџетот на РM'“, прашаа трите организации.

Naser Selmani
Насер СелманиФотографија: Petr Stojanovski

Според нив, со тоа МРТ се поставува во зависна позиција во однос на Владата, а финансирањето на јавниот сервис не може да зависи од добрата волја на Владата, тука треба да има јасен систем на обезбедување на средствата и дефиниран како независен буџет. Сега, кога процентот не е ни 1 отсто, ни 0,7, туку 0,5 отсто од буџетот, претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, вели дека „останува на истите забелешки што ги дале во почетокот на септември“.  

Според проценките на ЕБУ, долната граница на средства што европските земји ги одвојуваат за финансирање на нивните јавни сервиси е околу 12 евра по глава на жител. Во македонски услови тоа значи дека за МРТ треба да се обезбедат околу 25 милиони евра годишно. МРТ сега има најниски приходи по глава на жител, споредено со јавните сервиси од земјите на регионот. Годишниот буџет на Хрватската радио-телевизија е нешто под 200 милиони евра, а на РТС (Србија) околу 100 милиони евра. Со 0,5 проценти од буџетот за МРТ ќе се обезбедат околу 10 милиони евра на годишно ниво, со што ќе има помалку средства од претходните години и убедливо најмал буџет по глава на жител во регионот.

Долгови, опрема, дописничка мрежа

Трите организации во своите забелешки до МИОА потенцирале и други причини поради кои е неопходно стабилно финансирање на МРТ.

„МРТ со години е во долгови. Поголемиот дел од долгот е настанат поради оданочување на средствата од радиодифузната такса, која Управата за јавни приходи никогаш не успеа да ги собере. Тоа значи дека МРТ треба да плати данок за пари кои никогаш не легнале на нејзината сметка. Со други зборови, наплаќаат данок за сто проценти од сметките за радиодифузна такса, а најголем процент на наплата е околу педесет проценти“, се вели во образложението.

Symbolbild Sendung Mikro
Фотографија: DW / Christel Becker-Rau

Притоа се нагласува и потребата од набавка на нова опрема, за да може МРТВ да го следи трендот на модерните јавни сервиси, а укажано е и на потребата од кадровско освежување.

„Во МРТ образовната и старосната структурата на вработените е многу загрижувачка. Од околу 850 работници, помалку од половина имаат високо образование, а нивната просечната возраст е 56 години. Поради тоа има итна потреба за вработување на нов искусен новинарски  и креативен кадар, кој се ќе бидат вклучени во производството на програмата. Дополнително, платите на новинарите и креативниот кадар се многу ниски (...) МРТ нема развиена дописничка мрежа во градовите од внатрешноста. а како јавен сервис не треба да известува само од настани од главниот град. За да обезбеди покриеност на целата територија, ќе треба да се одвојат дополнителни средства за ангажирање на искусни новинари и друг технички персонал од сите региони“, укажуваат еснафските организации.

Ефектите од оваа законска измена, ќе се видат во првите месеци од нивната примена.

„Кога ќе се појават првите проблеми на кои укажавме, Владата ќе нема алиби да тврди дека не била предупредена. Но, ќе има многу работа, бидејќи се што накриво ќе се 'насади' тешко се исправа, а во меѓувреме произведува нови проблеми и последици“, коментираат од трите организации.