1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Ангела Меркел ја дефинира Германија

Инес Пол
23 јуни 2017

Што е тоа што ја дефинира Германија? За тоа тука наголемо се расправа. Во таа дискусија се вклучи и Ангела Меркел. И понуди одговори типични за неа, оценува Инес Пол.

https://p.dw.com/p/2fFNH
Deutschland Angela Merkel mit deutscher Flagge
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Ниту еден друг германски политичари не е под таков голем притисок на очекувањата како канцеларката Ангела Меркел. Откако Доналд Трамп стана претседател на САД, германската канцеларка за многумина е глас на разумот и заштитник на западниот свет. Можеби и поради тоа што таа е единствената која може да ја сочува ЕУ од распад. Со неа Германија стана важен играч на меѓународната политичка сцена - очите на светот се свртени кон Германија.

Но, поради тој нов вид одговорност и новото значење - а со тоа и растот на моќта - растат и стравовите. Тоа се стари стравови по кои Германија, следејќи ги своите интереси, би можела безобѕирно да ја искористи својата доминација. Одеднаш повторно е актуелна историската дилема: Германија е премногу мала и слаба за сама да биде силен мотор кој ќе ја придвижува ЕУ. Но, таа е истовремено премногу силна за да биде само една земја меѓу мноштвото.

Што е тоа што е „германско“?

Покрај таа перспектива, односно тој поглед однадвор врз нашата земја, постои секако и погледот одвнатре - внатрегерманскиот дискурс. Што е тоа? Што всушност значи во 2017 година да се размислува германски, односно да се биде Германец? Дискусијата околу тоа која е најважната вера, како исламот ја менува Германија, какви последици за идентитетот има големиот број бегалци кои во Германија пронајдоа нова татковина, не започна дури со избувнувањето на бегалската криза.

Pohl Ines Kommentarbild App
Инес Пол

Сто дена пред парламентарните избори, во таа комплексна, стресна и оптоварувачка и дискусија полна со набој се уфрла канцеларката Меркел и тоа со содржина која делува како некоја игра. Во она што е наречено „Германска азбука“, а што е објавено во најтиражниот германски булеварски весник „Билд“, таа нуди свои дефиниции за „германското“. Притоа, таа на читателките и читателите им нуди да се вклучат во дискусијата. Нема сомнеж - не постои по генијален начин да се приближите кон таа тема!

Кому освен на Ангела Меркел може уште да му појде од рака уште во првиот ред да го воздигне членот 1. на германскиот Устав и со тоа уште на самиот почеток недвосмислено да стави до знаење врз какви цврсти и непроменливи темели почива Германија. А потоа, нешто подоцна во текстот, се појавуваат и профани елементи како што е „дуалниот систем на образование“ или „прозорецот кој не пропушта“- компоненти кои ја дефинираат земјата. Во еден здив се споменуваат „федерализмот“, „вечната одговорност на Германија за Холокаустот“, но и „интеграцијата“. На буквата „к“, покрај „компир“, доаѓа и „црквената кула“ (Kirchturm). А „Made in Germany“ се наведува до зборот „муслимани“.

Добро укомпонирана листа

Се лаже оној кој мисли дека азбуката на канцеларката е произволна. Барем на мене како Германка - која посакува Германија, со признавање на нејзините традиции, култура и историја, да биде космополитска- ми се чини дека најважните начела се укомпонирани многу вешто. Не недостасува ниту „љубопитност“, ни „заштита на животната средина“, ни „плурализам“. „Слободата на медиумите“ е составен дел на Германија, како и „точноста“ или „собирањето печурки“.

Мудрата политичарка остава подотворена врата за необични потези за кои е потребна необична храброст - а тоа го дефинира со поимот „Mut zur Lücke“ (во слободен превод „Храброст да се прифати дека нешто не се знае и концентрирање на важното“, заб.прев.). Ангела Меркел експлицитно полага право на тој израз. Притоа нејзината „азбука“ е многу повеќе од една креативна и духовита загатка. Тоа е соопштение на владата а ла Меркел. Одредени начела на нејзината „германска азбука“, како што се посветеноста кон слободата на вероисповедта, се бескомпромисни: но во рамките на целата листа, тие се слободоумни и доволно флексибилни за да им се обратат на најголем можен број читатели.