1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква е положбата на германските малцинства во Европа?

Роберт Шварц
4 април 2017

Во преку 20 европски земји постојат германски малцинства. Нивната положба е различна, има негативни и позитивни примери.

https://p.dw.com/p/2SYUU
Bundeskanzlerin Angela Merkel empfängt Vertreter der Arbeitsgemeinschaft Deutscher Minderheiten (AGDM) 2016
Фотографија: Bundesregierung/Guido Bergmann

Ситуацијата со германските малцинства во Европа е многу различна и зависи од историскиот контекст и поединечната земја. Втората светска војна, нацистичкото минато и комунистичките диктатури во Централна и Источна Европа, како и во Централна Азија, доведоа до значајни промени. Во многу региони протерувањата, но и отселувањето во Сојузна Република Германија и асимилацијата во земјите-татковини ги постави организациите на германските малцинства пред нови итни задачи.

Јазикот е најдлабока идентитетска одредница

Тоа е една од причините што пред четвртина век беше основана германската иницијатива АГДМ (Работна заедница на германските малцинства). Ова неформално тело на здруженијата од Европа и државите кои произлегоа од Советскиот Сојуз, меѓу другите ФУЕН (Федерална унија на европските националности) овозможува редовни контакти и конкретна соработка во многу области. Заедно со владата во Германија и владите на одделните земји, се подготвуваат програми за поддршка на културата и јазикот на германските малцинства.

AGDM
Фотографија: FUEV/AGDM/Nehle Mommsen

Хартмут Кошук, ополномоштеник на германската сојузна влада за прашања на отселување и национални малцинства (десно на фотографијата) е еден од најважните застапници за кооперација меѓу самите малцинства и нивната соработка со германската влада и со културните невладини организации со државна поддршка во Германија. „Решавачки е вистински да успееме во задржувањето на германскиот јазик, како најважно идентитетско обележје на едно германско малцинство, сеедно во која земја од Европа живее тоа“, изјави Кошук на годишниот собир на АГДМ во Берлин. За Дојче веле тој ги истакнува нужните посебни напори за германскиот јазик да стане не само повторно радо зборуван странски јазик, туку и жив мајчин јазик на едно малцинство.

Непочитување на малцинските права во Полска

Заедничките напори меѓутоа не наидуваат насекаде на плодна почва. Најновиот случај на очигледно запоставување на германското малцинство се случи токму во Полска. Преку планираното зголемување на градот Ополе во Шлезија, со присоединувањето кон него на повеќе места, драстично се намалува процентуалниот удел на германското население. На ваков начин тоа нема да добие свои претставници во општинското собрание, двојазичните табли ќе исчезнат, германскиот ќе го загуби статусот на помошен јазик во службите.

Рафал Бартек, претседател на Социјално-културното здружение на Германците во Ополе, за Дојче веле истакнува дека ситуацијата е далеку од наоѓање на решение. Централната влада во Варшава ги игнорира протестите на луѓето засегнати со оваа одлука. „Овде постои јасна повреда на правата на малцинствата, се погазува како полското право за малцинствата, така и европскиот рамковен договор за малцинските права“, вели Бартек. Во нив стои дека не смеат да бидат преземени никакви мерки на штета на малцинствата. Бартек не исклучува поднесување жалба пред Европскиот суд за човекови права.

Berlin AGDM-Jahrestagung
АГДМ - здруженијата придонесуваат за разбирање меѓу народитеФотографија: Hans Scherhaufer

Припадник на малцинство - претседател на државата 

Сосем поинакви искуства има германското малцинство во Романија. Иако таму, првенствено во Зибенбирген и во Банат, живеат само уште околу 40.000 Германци, малцинството важи за успешен пример за интеграција и активно учество во политичкиот и општествениот живот. Нивниот поранешен водечки претставник Клаус Јоханис во 2014. година со убедливо мнозинство беше избран за претседател на Романија. Но, и таму малцинството е зависно од поддршката од Германија, посебно во областа на образованието. Германските училишта во Романија имаат едновековна традиција и не беа затворени ни во време на комунистичката диктатура. 

Паул Јирген Пор, претседател на Демократскиот форум на Германците во Романија, во разговор за Дојче веле укажува на критичната ситуација на образованието на германски јазик во неговата земја. Не е проблем недоволниот број ученици во германските училишта, што би било логично во поглед на едно толку малубројно малцинство, вели Пор: „90 до 96 проценти од нашите ученици во германските училишта се Романци или припадници на другите малцинства, нашите училишта имаат добар углед. Но, дури и во најголемите градови владее акутен недостиг од квалификувани германски учители.“ Најголем удар на образованиот систем му задава одливот на високошколуваните кадри со знаење на германски јазик на многу подобро платените работни места во индустријата и стопанството. Од овие причини финансиската поддршка од Германија има зголемено значење.

Малцинствата во функција на мостови

На германските политичари проблемот им е познат и затоа се залагаат за натамошна поткрепа на германските малцинства. Но, одговорност имаат и одделните земји каде живеат малцинствата. 

За Германија националните здруженија имаат големо значење, зашто во земјите во кои живеат овие малцинства се залагаат не само за негување на германската култура и германскиот јазик, туку и за разбирање меѓу народите.