1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мудис казнета поради погрешни оценки

ЕМФ /дпа/ртр/афп
14 јануари 2017

Рејтинг агенциите важат за соодговорни за финансиската криза во светот. Дури и „гнили“ хартии од вредност од нив добивале добри оценки. „Мудис“ поради тоа сега мора да плати казна од 864 милиони долари.

https://p.dw.com/p/2VoDe
Firmenschild Moodys Rating Agentur
Фотографија: AP

Поради погрешни проценки и оценки во периодот пред светската финансиската криза рејтинг агенцијата „Мудис“ мора да плати казна од 864 милиони долари (812 милиони евра). Од таа сума, 437,5 милиони ќе отидат во Министерството за правда на САД, а останатите пари во американските сојузни држави. Казната е резултат на договорот на „Мудис“ со Министерството за правда и 21 американски сојузни држави.

„Мудис“, исто како и нејзините конкуренти, рејтинг агенциите „Стандард и Пурс“ и „Фич“, важи за соодговорна за финансиската криза. Американското Министерство за правда ја обвини дека премногу позитивно оценувала високо ризични хартии од вредност, кои делумно биле покриени со гнили кредити за недвижности. Кога во 2007 година овие хартии загубија многу на својата вредност, инвеститорите загубија милијарди долари. Банкротираа банки, или пак беа спасувани со државни пари. Светот влезе во рецесија, а милиони луѓе останаа без работа.

Symbolbild Wirtschaft Banken Europa Ratingagentur
Фотографија: dapd

„Мудис“, и покрај високата казна, тврди дека не прекршила ниеден сојузен закон и дека стои зад своите оценки. За ваквата стратегија има добра причина: доколку агенцијата признае вина, ќе мора да стравува од побарувања на инвеститорите за високи обесштетувања.

Сличен договор во февруари 2015 година направи и рејтинг агенцијата „Стандард и Пурс“. Таа тогаш, за да се извлече од кривична постапка, им плати 1,4 милијарди долари на Министерството за правда и на американските сојузни држави.