1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде се крие Гадафи?

30 август 2011

Преодниот национален совет им даде ултиматум на силите на Гадафи во Сирте и другите градови да се предадат до сабота. Бунтовниците бараат израчување на дел од семејството Гадафи кое пребега во Алжир.

https://p.dw.com/p/12Q0Y
Моамер ГадафиФотографија: dapd

Преодниот национален совет предупредува дека ако силите на Гадафи не се предадат, населените места, кои се уште се под контрола на режимот на Гадафи, ќе бидат заземени со употреба на сила.

НАТО соопшти денеска дека вчера ги засилил воздушните напади врз Сирте. Нападите биле насочени кон неколку воени објекти во градот.

Во меѓувреме британската телевизија Скај њуз јави дека Гадафи бил во Триполи минатиот петок, по што заминал за градот Сабха во пустинскиот јужен дел на земјата. Телевизијата цитира 17-годишен телохранител на еден од синовите на Гадафи, Хамис.

Гадафи во петокот се сретнал накусо со Хамис и со неговата ќерка Ајша. Средбата се одржала во зграда во Триполи, која била цел на интензивни напади од страна на бунтовничките сили. Кусо по средбата командантот на обезбедувањето на Гадафи му кажал на 17 годишниот телохранител: „Тие заминуваат за Сабха“.

Сабха, како и родниот град на Гадафи, Сирте се две од малкуте населени места во Либија, кои се‘ уште се под контрола на неговите сили.

NO FLASH Gaddafi Familie Flucht Algerien Libyen Exil
Алжир пружи прибежиште за дел од семејствотоФотографија: picture alliance/dpa

Дел од семејството Гадафи во Алжир

Ќерката на Моамер Гадафи, Ајша денеска во Алжир роди женско бебе, изјавија алжирски владини претставници. Бебето се родило рано изутринава, истакнаа алжирските претставници. Засега не е познато каде точно во Алжир се наоѓа Ајша, која заедно со мајка и‘ Сафија и двајцата браќа Ханибал и Мохамед добија одобрение од алжирските власти да влезат во Алжир. Одобрението, како што соопшти вчера алжирското министерство за надворешни работи, им било дадено од хуманитарни причини.

Преодниот национален совет бара израчување

Да се пружа засолниште на роднини на Гадафи е чин на агресија, изјави портпарол на Преодниот совет во Триполи. Алжир е единствена соседна земја на Либија, која се‘ уште го нема признато Преодниот совет на бунтовниците за легитимно претставништво на државата. Каде се наоѓа Гадафи, не е познато. Тој исчезна пред една недела, кога бунтовниците го зазедоа Триполи. Преодниот совет на бунтовниците понуди награда од 1,3 милиони долари за фаќање на Гадафи, жив или мртов.

Rebellenkämpfer in Tripolis in Libyen
Фотографија: picture alliance / dpa

Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на извори на бунтовниците, јави дека еден од синовите на Гадафи, Хамис ел-Гадафи, е најверојатно убиен. Тој бил наводно ранет во борбите и во болница им подлегнал на повредите. Хамис, кој беше командант на елитна единица на неговиот татко што се бореше против бунтовниците, досега повеќепати беше прогласуван за мртов.

Либискиот Преоден совет бара од НАТО одржување на воениот притисок врз преостанатите претставници на режимот на Гадафи. Првиот човек на Советот, Мустафа Абдел Џалил, изјави дека досегашниот властодржец се` уште би можел да изврши страшни злосторства. И по крајот на борбите, на бунтовниците им треба логистичка и воена поддршка. НАТО, на пример, би можел да ги заштити работите на електричната и водоводната мрежа.

Во меѓувреме, во галвниот град на Либја, Триполи, кој нема доволно вода и струја, канцеларија отвори ЕУ. Таа треба да го организира делењето вода, храна и медицинска помош во градот.

Автор: ЖА/БГ/дпа/ртре/афп/миа

Редактор: Борис Георгиевски