Каде отидоа парите од ЕУ за Ромите во Бугарија?
25 март 2013Според статистичките податоци Ромите во Бугарија живеат десет години пократко од Бугарите. Карциномот често кај нив завршува со смрт, туберкулозата во населбите каде што живеат се појавува три до петпати почесто, а смртноста на децата е речиси трипати поголема отколку кај останатите жители на Бугарија.
Токму поради таа причина Брисел уште во 2005 година и’ стави на располагање на Бугарија неколку милиони евра за навремено откривање на туберкулозата и другите болести кај припадниците на социјално-загрозените слоеви. Бугарската влада се обврза дека ќе учествува со 375.000 евра во работата на споменатите програми.
Меѓутоа, како што наведува Десислава Симеонова од бугарскиот Хелсиншки комитет, Бугарија досега на располагање ставила вкупно 35.000 евра и тоа само еден месец пред завршувањето на ФАРЕ програмата, со која за 1,85 милиони евра се купени три мобилни лаборатории и три апарати за мерење со ултразвук. Останатите 800.000 евра од ЕУ се потрошени на работа со експерти во областа на информациите поврзани со спречување на разни болести. Симеонова наведува дека до крајот на програмата не е спроведен ниту еден единствен преглед со мамографија, со кој може навремено да се открие рак на дојка, а од останатите 38.640 планирани прегледи за превенција од други болести извршени се вкупно 3.888 – односно, само 10 проценти.
Наместо во училиште, на чистење улици
Слични неуспеси се забележани не само во областа на здравството, туку и по прашањето на социјалната интеграција на Ромите на пазарот на труд, како и во однос на изградбата на станови за ова малцинство. Во 2009 година започна со работа првата национална програма за образование со многу скромна цел – описменување и наобразба на 1.200 лица.
Под знак прашање е и користта од националната програма „Од социјална помош до регуларно вработување“, која започна исто така во 2009 година и беше кофинансирана од државниот буџет со 27,5 милиони евра. Амбициозната цел на оваа програма беше да се отстрани „занимањето“ примател социјална помош. Меѓутоа, во пракса оваа програма изгледаше така што невработените Роми во рака добија метли и садови за вода со кои мораа да чистат улици.
Во однос на програмата за подобрување на станбената ситуација во ромските квартови, од почетните планирани 750 милиони евра, од кои најголем дел дојде од странство, за изградба на социјални станови на располагање се ставени вкупно 20 милиони евра. За таа сума можеа вкупно да се изградат 200 станови, со што помош доби една рака луѓе. Со други зборови, шест години по влезот на Бугарија во ЕУ, состојбата во ромските населби се’ уште е катастрофална.
Изолирани во гето
Пример за катастрофалните услови во кои живеат Ромите може слободно да се види во предградието Ветрен, град на југот од Бугарија. Овде дури и не може да се зборува за некој вид на населба, бидејќи нема канализација, топла вода, ниту струја. Една третина од објектите изградени од дрво, и во кои живеат околу 300 луѓе, е изградена сосема нелегално и затоа нема приклучок на струја.
„Принудени сме да крадеме струја од соседот“, вели една Ромка,покажувајќи кон каблите кои и’ висат над глава. Од вкупно 1.000 потрошувачи на струја сметки плаќаат само 200.
„Ромите во Бугарија секаде живеат во слични услови“, вели социологот Алексеј Пампоров. Според податоците од 2011 година, 12 проценти од ромските домаќинства немаат на располагање питка вода, 19 проценти немаат канализација, а половина Роми живеат во сиромаштија без бањи.
„Бугарија е светски првак кога треба да се постават високи цели, без притоа на располагање да ги стави финансиските средства“, иронично вели Бојан Захариев од институтот „Отворено општество“ во Софија. Затоа се поставува прашањето – што се случи со парите од ЕУ за подобра интеграција на Ромите? За време на првите пет години од членството Бугарија повлече од ЕУ 50 милиони евра од сумата ставена на располагање за таа цел.