1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде Европо?

Франк-Валтер Штајнмаер 22 јули 2008

Пред една година се чинеше дека кризата е надмината, но дојде референдумот во Ирска. Сепак Договоорот од Лисабон не е загубен, вели германскиот шеф дипломат Франк Валтер Штајнмаер во неговата гостинската анализа.

https://p.dw.com/p/EgdV

Каде, Европо? Повторно си го поставуваме ова прашање. Притоа, пред една година сите чувствувавме толкаво олеснување. Се чинеше дека е надмината кризата на Европа“ - вели германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер во авторскиот текст - анализа на актуелниот момент во ЕУ, ексклузивно за интернет-страницата на Дојче Веле. Во текстот понатаму се вели:

Навистина, се простивме од Уставот, но остана проектот за реформски договор, од кој неколку месеци подоцна настана Договорот од Лисабон. Тој нов договор беше ратификуван 23 пати. Само еднаш не помина, на 12-ти јуни на референдумот во Ирска. Добро се сеќавам на констернираните лица на европските министри за надворешни работи, кои се собраа во Брисел само неколку денови по тоа ’не‘.

Што да се прави? Нов договор? Или да се остане на старите правила од Ница? - загрижено ги постави тогашниот претседател на Советот, мојот словенечки колега, прашањата што ги преокупира сите во Европа. Одговорот го даде Европскиот совет неколку денови подоцна: не го сметаме за пропаднат Договорот од Лисабон, сакаме да продолжи процесот на ратификација и заедно со Ирците ќе бараме решение.

Сметам дека Европскиот совет донесе правилно решение. На Европа и’ е потребен Договорот од Лисабон. Не го велам ова само затоа што под германско претседателство во стотици разговори се боревме за секоја одредба. Не - новиот договор едноставно регулира подобро отколку неговите претходници многу од она што граѓаните со право го критикуваат кај Европа.

Прво, Европа ќе биде подемократска. Европскиот парламент, единствена директно избрана бриселска институција, станува рамноправен законодавец. Националните парламенти ќе бидат порано вклучени во плановите за донесување закони, а ќе можат и да се обратат кај Европскиот суд ако сметаат дека е на европско ниво регулирано нешто, што е во надлежност на земјите-членки.

Второ, Европа ќе биде поефикасна. Таа денес има 27 членки, постоечките договори не се замислени за таква ситуација, уште помалку кога ќе се надоврзат и натамошни земји на кои им ветивме европска перспектива. Лисабонскиот договор ги содржи неопходните институционални прилагодувања - од големината на Комисијата, до постапката за гласање, што се’ заедно ќе го направи значително поефикасно изнаоѓањето решенија.

Трето, Европа со договорот добива појасен глас во светот - и тоа ми е посебно важно како министер за надворешни работи. Се’ уште ќе има национални надворешни политики, но ќе бидат подобрени можностите за европска политика. Како претседател на Советот на министрите и потпретседател на Комисијата, компетенциите на новиот „министер за надворешни работи“ - иако уште нема така да се вика - ќе бидат значително засилени.

Денес живееме во свет кој драматично се менува. Се формираат нови центри на моќ - економски, а се’ повеќе и политички. Русија, Кина, Индија, но и Бразил или Мексико - потребно ни е партнерство за глобална одговорност, кое сигурно ќе ги поврзе и силите на иднината. Заштита на климата, се’ помалку расположливи суровини, борба против тероризмот или разоружување - тоа се прашања на кои денес бараме одговори.

Ниедна европска држава не е доволно голема за да може сама да ги совлада тие задачи. Ако сакаме да имаме успех, мора да можеме заеднички да дејствуваме; уште повеќе во еден свет кој ни не помислува да чека додека Европа си ги реши внатрешните проблеми. За тоа ни се потребни современи процедурални правила, какви што предвидува Лисабонскиот договор. И поради тоа е правилно, што ние опстојуваме врз него, се вели покрај другото во авторскиот текст на германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер ексклузивно за дв-ворлд.де.