1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавга за новите полски пасоши

Паул Фликигер
19 август 2017

Полска ќе издава нови пасоши, а Полјаците имаат право на соодлучување како тие треба да изгледаат. Одлучувањето предизвика кавга со соседите, затоа што два од предложените мотиви за пасошите не се наоѓаат во Полска.

https://p.dw.com/p/2iSxO
Polnischer Pass Doppelte Staatsangehörigkeit
Фотографија: Fotolia/whitelook

„Креирај го пасошот 2018 заедно со нас“, гласи повикот за гласање на интернет упатен од полското Министерство за внатрешни работи. Од крајот на јули посетителите на страницата можат да изберат максимално шест мотиви кои би сакале да се најдат на странците на новите полски пасоши. На избор се ставени седум личности, три медали и три споменици.

Мотивите, според објаснувањето на Министерството, се поврзани со повторното стекнување независност на Полска по Првата светска војна. Полска на крајот на 18. век беше поделена меѓу соседите - Прусија, Русија и Австрија и цели 123 години ја немаше на европската карта. Дури по Првата светска војна таа повторно стана самостојна и независна држава. Наредната година Полска прославува 100 години независност.

Шесте мотиви кои ќе добијат најголем број гласови треба заедно со уште 13 други мотиви, кои веќе се утврдени од страна на експертска група, да се најдат во новите пасоши. Сега два од трите предложени споменици предизвикаа дипломатски тензии со источните соседи Украина и Литванија. Имено, на избор се ставени градска порта во литванскиот главен град Вилнус и дел од гробиштата во Лвов, на кој се закопани т.н. „млади орли“.

Litauen Vilnius Kapelle im Tor der Morgenröte
Градската порта во ВилнусФотографија: Imago/Rainer Weisflog

Во градската порта се наоѓа една икона на Мајката Божја од времето кога Вилнус, тогаш Вилна, бил дел од заедничката Полско-Литванска Унија.

Гробиштата во Лвов, град кој денес припаѓа на Украина, а до 1918 година се викал Лемберг, се последно почивалиште на стотици полски деца-војници. Тие во 1918/19 година се бореле за тоа Лемберг да стане дел од Полска. Украинското Национално движење пак сметало дека градот е украински.

Thema Polen neuer Reisepass - Motiv  Ukraine
Гробиштата во ЛвовФотографија: picture-alliance/NurPhoto/A. Widak

Двата споменика пред Втората светска војна се наоѓале во Полска, а по војната преминале во рацете на Советскиот сојуз. Од 1991 година тие се наоѓаат во Украина, односно Литванија. Не може меѓу мотивите за новите полски пасоши да има места кои денес се наоѓаат во странство, протестираше прво Киев, а потоа и Вилнус.

Во меѓувреме, работите изгледаат како двата странски мотиви да немаат шанси да се најдат на новите пасоши во Полска, иако двата споменика се со драго срце посетувани од носталгичните полски туристи во двете соседни земји. Културно и верско значење има пред сѐ портата во Вилнус. Досега нема ревизионистички иницијативи. Но, и Вилнус и Киев стравуваат дека национал-патриотската политика на владата на Качински на долг рок може да доведе и до такво нешто.

Мешање на Москва

Ваквата загриженост сега ја користи Кремљ. Државната телевизија „Росија 24“ со уживање извести дека не Москва, туку токму Варшава е таа која ќе оспори региони од двете западноориентирани земји. „Полјаците сакаат да ја поделат Украина, сакаат дури и да го нападнат Лвов“, беше речено во едно политичко ток-шоу на руската телевизија.

Причините во Полска се пак внатрешнополитички. Владини политичари, како министерот за внатрешни работи Мариуш Блашчак, се натпреваруваат во тоа да му се допаднат на партискиот шеф Јарослав Качински. Очигледно, поради тоа е и направена патриотската интернет страница на Министерството за внатрешни работи. На неа, покрај малку атрактивните црно-бели мотиви за пасош во големина колку поштенска марка, може да се види пред сѐ голем портрет во боја на Блашчак.

Министерството во меѓувреме појасни дека гласањето „има само консултативен карактер“. Одлуката за новите мотиви во пасошите ќе биде донесена во септември.