Итна седница на грчките социјалисти
16 јуни 2011Неименуван вработен во грчкиот парламент за агенцијата Ројтерс изјави дека шефот на грчката влада има намера најдоцна до вторник вечер да го стави својот тим на гласање за доверба. Со тоа, премиерот би ја обезбедил поддршката на својата партија. Сепак, состојбата за социјалистите се компликува по денешната (16.06) оставка на двајца парламентарци на ПАСОК. „Нашите деца се исправени пред иднина без радост, политичкото раководство останува на курсот на популизмот и неодговорноста“, изјави пратеникот Хектор Насиокас, кој објави дека денешниот ден му е последен во парламентот. Сепак, со оставките на двајцата пратеници мнозинството на Папандреу во парламентот не е загрозено, затоа што на нивно место доаѓаат други двајца од редовите на ПАСОК. Партијата на Папандреу во парламентот располага со 155 од вкупно 300 места. Владејачките социјалисти, според последните информации од Атина, се свикани попладнево на итна седница, што може да го пролонгира најавеното објавување на реконструираниот состав на владата. Според шпекулациите, сменет веројатно ќе биде министерот за финансии Јоргос Папаконстантину, кој важи за архитект на непопуларните мерки за штедење. Можен кандидат за негов наследник е Лукас Пападемос, поранешен вице-претседател на Европската централна банка.
Политичкиот покер продолжува
Вчера, премиерот Папандреу, по гласините дека ќе поднесе оставка, пред телевизиските камери соопшти дека останува на функцијата, но ќе ја реконструира владата, поради неуспехот на коалиционите договори со конзервативната опозиција.
„Се работи за очајнички маневар на премиерот. Папандреу сака да добие на време, да остави впечаток дека со новата влада ќе биде подобро“, смета Мусис Лицис, новинар на „Елефтеротипија“. Според него Грција може да се спореди со Аргентина пред банкротот, кога под притисокот од улицата се формираа постојано нови влади пред да дојде конечно до несолвентност.
И покрај заканувачкиот банкрот, покерот за власт во Атина продолжува. Додека премиерот Папандреу е конфронтиран со револт, конзервативниот опозициски лидер Антонис Самарас, според анкетите, е во водство. Тој ноќеска побара одржување нови избори. Неговото ветување до гласачите: тој наново ќе преговара за пакетот штедење со Брисел, ќе издејствува даночни олеснувања за средниот слој, што ќе ја поттикне конјуктурата.
Спас во две етапи?
Еврокомесарот за монетарна политика Оли Рен денеска најави дека Грција би била спасувана во две етапи. Тој прво очекува во недела, на средбата на еврогрупата да биде дадено зелено светло за наредната кредитна транша од 12 милиајрди евра, а потоа, на 11 јули, да биде постигнато единство за нова програма за спас. Според проценките, доколку биде одобрена наредната кредитна транша, петта по ред, платежната способност на Грција би била обезбедена до септември.
Автор: Јанис Пападимитриу / ртр / дапд / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Симе Недевски