1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исплетканите патеки на германското оружје

2 септември 2011

Во операцијата во Либија не се ангажирани германски војници. Но, има германско оружје. Тоа го покажуваат сликите на јуришно оружје од производителот „Хеклер и Кох“, што им паднаа в раце на бунтовниците.

https://p.dw.com/p/12Rvh
Фотографија: picture-alliance/dpa

Веројатно има нешто што се вика правда - уште на 4. март најпознатиот германски противник на вооружувањето Јирген Греслин во едно соопштение до јавноста укажуваше на постоење на јуришно оружје од германскиот производител „Хеклер и Кох“ во Либија. Но, соопштението за печат на Канцеларијата за информирање за прашања на вооружувањето во Фрајбург, не стигна речиси до ничии уши.

Во меѓувреме, работи се поинакви. Не само што Греслинг вчера (01.09) ја доби Ахенската награда за мир, туку пред се‘ - се‘ повеќе луѓе си го поставуваат прашањето - зошто либиските бутновници во Триполи стигнале до автоматски пушки произведени во Оберндорф. По освојувањето на либискиот главен град, новинарите испратија слики од резиденцијата на Гадафи, на кои се гледа дека бунтовниците изнесуваат нови пушки од „Хеклер и Кох“. Поранешниот инспектор за оружје на ОН и сегашен пратеник на Партијата на левицата, Јан ван Акен, побара истражна комисија на Бундестагот:

„Сега има три можности. Или ’Хеклер и Кох’ лиферувал оружје илегално, без дозвола, или го продал на трети лица, кои потоа го внесле оружјето во Либија,  или пак, германската влада лаже. Сега мора да се вклучи обвинителството и да ја истражи работата со ’Хеклер и Кох’, а и од германската влада сакам да слушнам - што, кога и од страна на кого била дадена дозвола.“

NO FLASH Waffen von Heckler & Koch HK G36
Г36 - автоматска јуришна пушка од прозиводството на „Хеклер и Кох“Фотографија: GFDL/Dcoetzee

Има закон, но...

Обвинителството е веќе вклучено. „Хеклер и Кох“ веќе поднесе кривична пријава против непознат сторител. Во соопштение на претпријатието, објавено на неговата интернет-страница, се вели дека на Либија никогаш не и‘ било доставено оружје. Тоа значи дека лиферувањето се одвивало на илегален начин.

Продажбата на оружје во Германија е регулирана со Законот за контрола на оружје. За издавање дозволи за извоз е задолжено министерството за економија и технологија. Се издаваат толку многу дозволи, што Германија, според наводи на Институтот за истражување на мирот - СИПРИ, е трет најголем извозник на оружје во светот. А и автоматските пушки Г36 на „Хеклер и Кох“ се барани во светот, вели противникот на вооружувањето Греслин:

„Г36 е полесна од Г3 и попрецизна. Тоа значи - војниците слават кога ја имаат во рака. Со нејзе во иднина ќе пукаат и деца-војници.“

„Паф, и снемува илјадници парчиња оружје“

Оружјето пронајдено во Либија потекнува од 2003 година, вели Греслин. Тоа е извезено или од страна на „Хеклер и Кох“ или преку некој партнер од НАТО. Во „Книгата за контрола на воено оружје“ на претпријатието мора да се заведе секое парче произведено и извезено оружје. Тука може да се види на кои држави во која година е лиферувано Г36-оружје. Дека пред се‘ финансиски силните купувачи постојано наоѓаат начини да ги заобиколат ограничувањата за извоз, на пример преку трети земји, потврдува и Михаел Ашкенази, експерт за вооружување во Бонскиот меѓународен центар за конверзија:

Heckler&Koch in Oberndorf
„Хеклер и Кох“ веќе поднесе кривична пријава против непознат сторителФотографија: picture alliance / dpa

„Голем проблем е, кога оружјето е доставено до некого, ако системот на таа земја е корумпиран, или ако револуции, како во Либија. Тогаш може наеднаш да се случи ’паф’ и да исчезнат илјадници парчиња оружје.“

Автор: Матијас фон Хајн / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски