1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Искоренувањето на гладот не е утопија

Нина Веркхојзер
12 октомври 2016

Најновиот Светски индекс на гладот, претставен во Берлин, покажува напредок - гладот низ целата земјина топка е во опаѓање.

https://p.dw.com/p/2R8VW
Hunger in Afrika
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. De Ras

Бербел Дикман, веќе осум години претседателка на Германската организација за помош против глад, признава: понекогаш е бесна што во светот сѐ уште толку многу луѓе страдаат поради глад. Колкав е нивниот број покажува годишно Светскиот индекс на глад, шарена географска карта на која во очи паѓаат првенствено земји во Јужна Азија и Африка, јужно од Сахара - таму гладот е широко распространет.

Во овие региони гладуваат надпропорционално многу деца, кај некои тоа се одразува и врз развојот и растот, поради недостиг од храна. Најпоразителна е статистиката од Централноафриканската Република, но и нуклеарната сила Индија стои на 97 од вкупно 118 места во Индексот. Вкупно во светот неухранети се 795 милиони луѓе. „И натаму е присутна нечуена неправда во светот“, истакна Дикман при презентацијата на Светскиот индекс на глад во Берлин.

Infografik Welthunger-Index 2016 nach Schweregrad Deutsch
Индекс на гладот во светот

Напредок во повеќе земји

Но, регистрирани се и успеси, од 2000. година наваму гладот е во постојано повлекување, и тоа без оглед на перманентниот бројчен пораст на населението. Оттогаш 22 држави во сузбивањето на гладот постигнале напредок вреден за почит, се вели во годишниот извештај за 2016. година.

Во нив се вбројуваат на пример Мијанмар, Руанда и Камбоџа, кои наполу го намалиле бројот на луѓе кои се погодени од глад. За Германската организација за помош против глад, причините се очигледни: по завршувањето на војните или граѓанските војни, кои по правило водат кон висок степен на неухранетост, тамошните влади ја презеле одговорноста за своето население. „Во овие земји постои добра соработка во областа на развојот и инвестиции, значи, тоа е можно“, потенцира Дикман.

Последици на војни и корупцијата

Но, нема успеси насекаде. Во вкупно 50 држави ситуацијата со гладот се квалификува како сериозна или многу сериозна. Најдраматично во овој поглед е во Мадагаскар, Замбија, Сиера Леоне, Чад и Централноафриканската Република, освен тоа и на Хаити и во Јемен. Кои се причините? Најчесто тоа се војни, вооружени конфликти и неефикасни влади, вели Клаус фон Гребмер од институтот Интернешнл Полиси Рисрч во Вашингтон. „Некаде нема воопшто влада, или постои коруптивна и некомпетентна влада, тоа се фактори кои го зголемуваат процентот на гладни луѓе“.  Но, и индустриските земји, смета Светскиот индекс на гладот, сносат одговорност, со тоа што значително придонесуваат кон промена на климата или ги експлоатираат суровините во сиромашните земји.

Deutschland PK Welthunger-Index 2016
Бербел Дикман при презентирањето на Индексот во БерлинФотографија: Welthungerhilfe

Свет без глад?

Со оглед на сево ова, дали е реална целта за постигнување „нула глад“? До 2030. година, гладот во светот треба да биде искоренет, предвидува агендата на ОН за траен развој. Клаус фон Гребмер е скептичен, без оглед на напредоците: „Тенденцијата навистина постои, но брзината е апсолутно недоволна“.

Со други зборови: борбата против гладот треба да се води побрзо и поодржливо, за во 2030. година сите деца во светот да бидат сити. Ако се инвестираат потребните пари и ако во засегнатите земји постои политичка волја, тогаш е можно до 2030. година, па дури и претходно, да се постигне „нула глад“, сметаат експертите.

„Мора да се зафатиме со таа задача“, инсистира Бербел Дикман. На таа цел се согласија 196 земји во Њујорк и со тоа се обврзаа на борба против гладот. Од помош може да биде и фактот што преку високиот број бегалци и мигранти во Европа, порасна свеста за причините на бегството. Една од нив е гладот, а тој, како што коментира германскиот министер за развој Герд Милер во најновиот извештај, е „најголемиот скандал на нашата планета кој може да се избегне“.