1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инцидентите во Струга имаат подлабоки корени

Горан Петрески12 февруари 2009

Поделбите по етничка линија почнуваат токму во образовниот систем - сметаат двајца млади интелектуалци од македонска и албанска националност, израснати во мешани средини.

https://p.dw.com/p/GsL6
Проблемите во струшките училишта не се осамен случајФотографија: Petar Stojanovski

Двете најбројни заедници во Македонија живеат една покрај друга, и наместо да стануваат се’ поблиски, тие се’ повеќе се оддалечуваат - наспроти заложбите за соживот зацртани во Охридскиот рамковен договор. Ова е ставот на двајца млади интелектуалци, едниот Албанец, другиот Македонец. Во разговорот за Дојче Веле тие предупредуваат дека случувањата во струшките училишта не се нов тренд, туку одамна започната поделба, што и понатаму ќе се продлабочува ако македонското општество не обезбеди систем за интеграција.

Поделба на повеќе нивоа

Артан Груби од невладината “Разбуди се“ вели дека поделеноста во општествто е видлива на највисоко ниво: „Значи, во Македонија имаме влада и партнери во владата, кои не владеат врз основа на една, туку на две различни платформи. Премиерот е премиер за целата држава, додека лидерот на албанскиот партнер е премиер за Северозападна Македонија. Значи, поделени се сферите на влијание, во политиката, во образованието, во културата. Таа сегрегација трае веќе неколку години, само што сега се радикализира.“

Artan Grubi albanischer Intellektueller aus Mazedonien
Артан ГрубиФотографија: Artan Grubi

Слично размислува и политикологот, Емил Атанасовски: „Проблемот што ние го имаме во Македонија е тоа што во изминативе 17 – 18 години многу сакаме луѓето да ги храниме со национализам. А тој национализам во мултикултурно општество не успева или обратно: не може мултикултурното општество успешно да се гради, ако постојано ги храниме етничките заедници со нивните национални чувства. За сега не се нашол некој во Македонија, кој ќе се обиде да погледне малку пошироко и да се обиде навистина да ги интегрира заедниците. А интегрирањето почнува во образованието, не почнува во политичкиот систем или во институциите.“

Кого го изненадува состојбата во Струга?

Меѓуетничките тензии во Струга не се новина во македонските училишта. Слични проблеми постоеја и во други градови. Проблемот е во образованието. Тоа треба да овозможи систем преку кој различните етникуми ќе можат да се запознаат, ќе можат да комуницираат меѓу себе за да не се отуѓуваат. „И покрај тоа што тие одат во исти училишта, немаат заеднички часови, немаат заеднички наставни програми. Овие сега во Струга не се први случаи, во 2003 имаше во Скопје, па во Битола, а и во Куманово имаше етнички мотивирани насилства, коишто резултираа со поделба меѓу учениците или во различни училишта или во различни смени. Нашиот систем значи очигледно не може да се справи со она што е реалност на теренот. Имаме јазична сегрегација, а не се прават никакви напори да се интегрираат учениците“ – оценува Атанасовски.

Emil Atanasovski Politologe und Analytiker mazedonischer Nationalität
Емил АтанасовскиФотографија: Emil Atanasovski

„Ние растеме и се развиваме како две посебни етнички заедници, а не како едно општество. Значи, капацитетот на апсорпција на македонското општество не е толкав за да направи Албанците да се чувствуваат како Македонци, како државјани на Македонија“ – додава Груби.

Системска грешка

Кој ја попречува интеграцијата? Која заедница е поподготвена за соживот? Има ли Македонија, како мултиетничка држава, светла перспектива?

„Албанската заедница се доближува со големи чекори, сега има универзитети на албански јазик, се произведуваат кадри, значи тие се многу поконкурентни на пазарот на труд и во сите сфери на животот, така што Македонецот се чувствува малку загрозен“ – оценува Груби.

South East European Universtät Tetovo, Mazedonien
Клучот е во образованието: Универзитетот на Југоисточна Европа во ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Атанасовски, пак, вели: „Не би рекол дека Македонците или, пак, Албанците се виновни што нема соодветна интеграција. Нема интеграција, затоа што нема систем што го промовира тоа! Да има, на пример да се воведе задолжително двојазично образование или задолжително мултикултурно образование, кое што промовира различни вредност, различни култури и различни религии, тогаш ќе има поголемо разбирање. Основа за меѓусебното разбирање е комуникацијата, а во Македонија во институциите на образовниот систем нема допирни точки, никаде не комуницираме едни со други. Затоа е нормално да има такви стереотипи!“

За да продолжи да се развива по зацртаниот пат, Македонија мора да најде модел што ќе го запре продлабочувањето на поделбата по етничка основа, тврдат двајцата интелектуалци и сметаат дека клучот лежи во образованието.