1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Информатичарот Јан Клингел од Ининг

14 октомври 2010

Уште како дете тој ја сакал техниката. Денес Јан Арент Клингел работи за ИТ-менаџментот за ризик во БМВ. Компјутерскиот експерт заштитува строго доверливи информации од индустриска шпионажа.

https://p.dw.com/p/PPS2

Будилникот ѕвони во точно шест часот наутро. Јан Арент Клингел не сака да станува толку рано, но само така може да ги избегне турканиците во сообраќајот околу Минхен. Секој ден подготвува појадок за двата сина Јаник (12) и Марвин (9). „Не сме комплицирани и јадеме само мусли“, вели таткото.

Борба против компјутерскиот криминал

Клингел работи во ИТ-менаџментот за ризик во БМВ од 2007 година, заедно со четворица други колеги. Тие ги поставуваат безбедносните насоки за целата БМВ групација. Сите вработени низ целиот свет мораат да се придржуваат до нив, особено кога работат со строго доверливи информации. Неговиот тим, во соработка со властите за кривично гонење, се задолжени за ИТ-поддршката при екстерни и интерни истраги. „Стапката на криминал расте. Денес може многу да се заработи со продавање на лични податоци или податоци од истражувања од претпријатијата. Со тоа се зголемува и нашата одговорност, адекватно да ги заштитиме овие информации“, вели Клингел.

Gesichter Deutschlands JaKlP1
Клингел работи во ИТ-менаџментот за ризик во БМВ од 2007 годинаФотографија: DW
Gesichter Deutschlands JaKlP2
За да знае секогаш што се случува во БМВ, Клингел многу патува и разговара со колегите од други одделиФотографија: DW

Работата на 40-годишникот не е рутинска. Во ИТ-ризик-менаџментот секој ден се сознава нешто ново: „Нема претходно одреден курс. Перманентно правиме промени и постојано мора да се движиме напред. Секојдневно има нови предизвици, нови импулси кои мора да се преработат.“ Тој со колегите седи во една голема, добро осветлена просторија. Таму владее мир и концентрација доколку во моментот немаат состанок, телефонски разговори или видео-конференции. За да знае секогаш што се случува во БМВ, Клингел многу патува и разговара со колегите од други оддели за безбедносни недостатоци и заштита на податоци.

Со десет кутии и бебе во САД

Уште како младинец тој знаел дека во секој случај сака да работи со компјутери. Набргу по студиите по применета информатика и математика во Фулда, тој ја добива својата голема шанса. Една фирма каде бил на пракса како студент, му понудила работа како ИТ-експерт во Детроит, во сојузната американска држава Мичиген. Селењето преку Атлантикот била радикална промена за него и неговата сопруга Сузане, оти тогаш им се родил првиот син.

Gesichter Deutschlands JaKlP3
Се храни здравоФотографија: DW

„Спакувавме се‘ што имаме во десет картонски кутии, и со бебето заминавме во Америка. На почетокот ни‘ беше многу тешко, оти сами моравме да се погрижиме за многу работи, почнувајќи од карта за социјално осигурување, па се‘ до возачка дозвола. И тоа се‘ на англиски јазик кој тогаш не го владеевме перфектно“, раскажува тој.

Тој период бил напорен за младото семејство, но исто така и голем професионален предизвик: „Учевме неверојатно многу. Јас започнав да работам како ИТ-менаџер и морав да се грижам за најразлични работи, морав да решавам од најмали до најголеми ИТ-проблеми“.

Од Детроит во Минхен

По триипол години во Детроит, Клингел конкурирал во БМВ во Германија. Бил поканет во Њујорк и вработен по едно видео-интервју. „Ми понудија работно место, и требаше да ги поврзувам меѓусебно компјутерските мрежи од различните меѓународни БМВ-седишта“. Потоа бил уште двапати во Америка, последниот пат од БМВ го пратиле на три години во Јужна Каролина.

Gesichter Deutschlands JaKlP4
„Спакувавме се‘ што имаме во десет картонски кутии, и со бебето заминавме во Америка“Фотографија: DW

Сега живее со сопругата и двата сина во Ининг. Тоа е омилено место за одмор во Баварија, идилично поставено помеѓу езерата Вертер и Амер. Кога е убаво времето, од неговата куќа се гледа прекрасната панорама на баварските Алпи. Оваа идила има своја цена. Дневно патува на работа во Минхен и назад по 86 километри.

Но, сепак не го напушта целосно помислата да оди во странство. Клингел секогаш се сеќава на времето поминато во САД. Таму научил да ги негува вредностите како толеранција и отвореност, кои би сакал да ги пренесе на своите деца. И тоа е една од причините зошто Клингел сонува повторно да оди во странство. Овојпат би сакал тоа да биде во Јужна Америка, пред се‘ Бразил.

Автор: Ева Узи / Јасна Мушиќ - Јанчулевa

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска