1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интриги и моќ: Почна борбата за наследник на Борис Џонсон

Барбара Везел
12 јули 2022

Во Конзервативната партија почна натпреварот за лидерската функција, а наследникот на Џонсон ќе се знае на петти септември. Сите кандидати имаат слични политички ставови и остануваат верни на Брегзит

https://p.dw.com/p/4Dz7R
Großbritannien Boris Johnson Statement
Фотографија: Justin Tallis/AFP

Постапката би требало да се изведе брзо, но да не изгледа брзоплето. Британските Конзервативци дадоа стартен сигнал за почеток на трката за местото  наследник на Борис Џонсон.

Секој кандидат мора до вечерва (12 јули) да обезбеди поддршка од најмалку 20 пратеници од Долниот дом. Потоа, во повеќе кругови во Долниот дом на британскиот парламент ќе се врши стеснување на бројот на кандидати, а целата постапка би требало да заврши до петти септември, кога ќе биде избран нов премиер.

Каква е процедурата?

Во два изборни круга, кои се одржуваат во среда и четврток, отпаѓаат кандидатите со најмалку гласови, додека преостанатиот број кандидати ќе се намалува во секој следен круг со елиминирање на оној кој собрал најмалку гласови.

Грејем Брејди е шеф на т.н. „Комитет 1922“, во кој се собрани конзервативните пратеници, а овој комитет има решавачка улога во процедурата. Брејди вели дека до 21. јули би требало бројот на кандидати да се редуцира на само двајца.

Во наредните две недели британскиот парламент ќе се претвори во легло на интриги, заткулисните борби ќе бидат полни со отров.

Одлуката на крајот ќе ја донесат 100.000 членови на Конзервативната партија, кои на последното гласање му дадоа голема поддршка на Борис Џонсон. Сега би требало да размислат кои квалитети мора да ги има наследникот на Борис Џонсон, освен хумор и способност за стекнување популарност.

Процедурата е слична на предизборна трка. Двајцата кандидати се претставуваат во локалните партиски одбори, борејќи се за секој глас. На летните забави на Ториевците во градините во нивните упоришта во јужниот дел на Англија, ќе се реши кој ќе ја освои симпатијата на партијата и ќе стане нов премиер.

Борис Џонсон, кој вчера (11.07.2022) даде прво интервју по  најавата за повлекување,  беше воздржан во врска со прашањето за свој наследник, со образложение дека не сака никому да му ги расипе изгледите за победа.

Слични цели

Ториевците, наспроти политиката на Џонсон, сега повторно се прикажуваат како партија која ги намалува даночните давачки. Тоа го ветуваат речиси сите кандидати, а за време на премиерот во заминување, даночните обврски достигнаа високо ниво.

Додека последниот Џонсонов министер за финансии најавуваше оданочување на претпријатијата со 21 процент, сега сите најавуваат симнување на даночната стапка на 15 проценти. Со тоа би пропаднале меѓународните планови за глобален минимален данок.

Риши Сунак Саџид Џавид
Најизгледните кандидати за наследник на Борис Џонсон - Риши Сунак и Саџид Џавид

Прашање е дали со тоа ќе се реши проблемот со слаб прилив на странски инвестиции. Сите кандидати стојат зад тврд Брегзит, кој земјата веќе ја чинеше повеќе од два проценти од економскиот раст. Но, никој нема храброст  да го доведе Брегзит во прашање,  па дури ни опозицијата.

Голем проблем на даночните олеснувања е прашањето – кој тоа ќе го финансира. Се споменува штедење во јавниот сектор и фискален потенцијал за заштеда, но без конкретни детали. Британскиот јавен долг за време на пандемијата, поради слабиот економски раст, е зголемен на 95 проценти. И следната конзервативна влада, кој и да ја предводи, тој долг уште ќе го зголемува. Зашто, сите без исклучок ветуваат нов почеток.

Добри, лоши и непознати

Разноликоста на кандидатите е поголема од било кога, некои имаат азиско или африканско потекло. Тие претставуваат чудна мешавина од контроверзни министри за време на Џонсон и целосно непознати пратеници од последните редови на парламентарните клупи.

Изгледа дека уште најдобри шанси има Риши Сунак, бивш министер за финансии, но против него се прават веќе жестоки интриги. Неговата исклучително богата сопруга нема даночно седиште во Велика Британија, а и тој долго поседувал американска зелена карта, што би требало да го дисквалификува во очите на приврзениците.

Се шушка дека кампањата против него се води од советничкиот тим на Борис Џонсон, зашто тој наводно е лут поради оставката на Сунак од минатиот вторник, што значително придонесе кон падот на премиерот.

Меѓутоа, од сплеткарења не е поштеден ни неговиот наследник на местото министер за финансии, Надхим Сахави, кој наводно создавал богатство соработувајќи со фирми кои заминувале во стечај, а се шушка и за некои нерасчистени даночни обврски.

И бившиот министер за здравство Саџид Џавид, кој има најголемо искуство во владата, а исто така придонесе за пад на Борис Џонсон, не ги открива до крај своите даночни долгови. Изгледа дека најбогатите кандидати имаат слични проблеми.

Актуелната британска министерка за надворешни работи Лиз Трас исто така е кандидат за премиерската функција, а противниците ѝ припишуваат некомпетентност. Во игра е и државата обвинителка Суела Браверман, декларирана противничка на левите идентитетски политики.

Водачот на партиската десница, Стив Бејкер, предупреди дека во трката би можел да се вклучи и Џејкоб Рис-Мог, во кого многумина гледаат карикатура на Ториевците од 19. век. Тој наводно би бил чист отров за избирачите. 

Бившиот офицер Том Тагентат се смета за политички умерен и искрен човек, но нема големо искуство во власта и не му се припишуваат големи шанси.

На крајот, тука е и Џереми Хант, кој на изборите беше поразен од Борис Џонсон, па го следи имиџ на губитник. Тој барем има чисти раце, зашто немаше функција во владата на Џонсон. Покрај некои малку познати кандидати, на листата е и Риман Чишти, за кого дури и добро упатените не знаат речиси ништо. Изгледа дека неговото мото е олимписко – важно е да се учествува.