1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интернационални студиски програми на англиски јазик

31 август 2010

Речиси сите универзитети во Германија нудат интернационални бачелор и мастер-програми за германските и странските студенти. За нив има и одреден број на стипендии со кои се потпомагаат млади лица од целиот свет.

https://p.dw.com/p/P08t
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Кај мнозинство од интернационалните програми наставен јазик е англискиот, поради што веќе не мора да се докажува и познавање на германскиот јазик. Германски може да се учи на курс за време на студиите. Богатата понуда опфаќа студиски програми како на пример: „Сметководство и ревизија“ на Универзитетот во Мајнц или „Студии за светското наследство“ на Техничкиот универзитет во Котбус.

За овие програми мошне важна е меѓународната соработка: студискиот престој во странство е составен дел на речиси сите интернационални програми. Тоа е овозможено со воведениот системот на кредити кои се добиваат за секој предмет одделно и со колоквиумите и испитите кои се полагаат почесто во текот на еден семестар. На овој начин, новите дипломи можат едноставно да се споредат на меѓународно ниво, а поедноставен е и процесот на мобилност меѓу универзитетите.

20 Jahre Erasmus
20 години унапредување на студенти од Европа: логото на програмата ERASMUS

Врска со пазарот на трудот

За време на бачелор и мастер-студиите, универзитетите се трудат да воспостават врска со пазарот на трудот. Во програмите честопати се вклучени бројни компании кои на студентите ќе им помогнат полесно да најдат практична работа или едноставно да стапат во контакт со професионалци од нивната стручна област. Освен тоа, многу универзитети нудат и т.н. европски студиски програми според кои еден студент минува по два семестра на секој од универзитетите-партнери во програмата. Притоа студентите може да се стекнат со двојна завршна диплома.

Студентска размена во Германија

Во Германија, како студент на размена може да допатува кој било студент од странство. За таа цел постојат партнерства меѓу германските и странските универзитети. Договорите кои ги склучуваат партнерите предвидуваат признавање на предметите кои студентот на размена ги следел во Германија. Бројот на партнерства е голем, па токму затоа размената во Германија се одвива доста интензивно. Престојот во Германија најчесто се финансира преку соодветни стипендии и програми за размена, како на пример, ERASMUS, програма на Директоратот за образование и култура на ЕУ и Европската комисија или пак, Германската академска служба за размена (DAAD).

Автор: Клаудија Унзелд / Далибор Стајиќ

Редактор: Александра Трајковска