1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Имигрантите од Македонија се изманипулирани

3 март 2010

Министерот за азил и имиграција на Белгија оценува дека имигрантите од Македонија се изманипулирани не само во матичната земја, туку и од луѓе од Белгија. По напливот од потенцијални азиланти, состојбата се смирува.

https://p.dw.com/p/MIC1
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Министерот за азил и имиграција на Белгија се подготвува за својата посета на Македонија. Мелкиор Ватле не планираше да замине за оваа држава, но последните случувања со масовните барања за азил од Македонија и Србија го натераа министерот да направи измени во агендата. Тој ќе се сретне со премиерот Никола Груевски, а ќе отиде и на терен во кумановски и прешевски села, да се запознае лично со оние кои бегаат кон посветла иднина во Белгија. Тој сака и лично да им објасни дека се жртви на манипулации од страна на некои превозници и агенции кои им ветуваат дека во Белгија ќе добијат стан и пари.

Melchior Wathelet
Белгискиот министер за азил и имиграција ВатлеФотографија: AP

Мелкиор Ватле за причините на овој емигрантски бран од Македонија вели: „Постојат две основни причини за овој феномен. Прво лажните информации во матичната држава. Овие луѓе се залажуваат со приказна дека во Белгија ќе добијат сместување, пари. Тоа е лага. А втората причина е заедницата која овде во Белгија регуларно живее, но ги испраќа овие лажни пораки во Македонија и Србија. Овие луѓе даваат пари за сево ова. Тие емигранти се жртви, бидејќи се изманипулирани ќе бидат вратени дома.“

Сите барања ќе бидат одбиени

Ватле за Дојче веле повторува дека сите барања ќе бидат одбиени бидејќи ниедно не ги исполнува критериумите од Женевската конвeнција за азиланти. Притоа, тој потсетува дека граѓаните на Македонија треба да ги имаат на ум оние кои навистина имаат потреба од азил во Белгија. „Кога велите дека сте политички бегалец, тоа го правите на штета на оние кои се навистина политички бегалци. Треба Македонците да бидат свесни дека со ваквите барања можеби ќе им наштетат на луѓе кои доаѓаат од земји каде се навистина прогонувани, кои имаат потреба од азилантски статус и заштита врз основа на Женевската конвенција.“

Се намалува бројот на барањата

Благодарение на интензивното медиумско покривање на оваа тема, бројот на барања оваа недела е драстично намален, истакнуваат од Бирото за странци во Брисел. Вчера (02.03.10) биле поднесени само 10. Сепак соработката со Македонија треба да продолжи да биде успешна и во иднина, вели министерот за имиграција: „Бројките веќе се намалија. Ние ќе мораме да продoлжиме да го разгледуваме ова. Но, мислам дека ако им се објасни на луѓето за што станува збор, ако се каже вистината и ако се биде транспарентен, уверен сум дека и Белгијците и Македонците се довoлно одоговoрни за да го средат овој проблем наместо да влошуваат еден спор кој навистина не би требал да се влоши.“

Belgien Regierungskrise Flagge in Brüssel
Фотографија: AP

Министерот ја поздрави визната либерализација за Македонија и изрази надеж дека таа нема да се доведе во прашање бидејќи претставува успех за сите.

Извори во белгиската влада велат дека за Македонија е речиси невозможно да се добие азил бидејќи граѓаните на оваа држава не се сметаат за политички или етнички загрозени во светските рамки.

Од Македонија лани само еден човек добил азил во Белгија, но причините не се откриваат за да се обезбеди неговата анонимност. Ситуацијата со српските граѓани е поделикатна. Србија се’ уште важи за проблематична држава и оттаму се одобрени поголем број азиланти.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска