1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли крај на лудилото?

Зоран Јордановски10 јули 2016

Владата енормно се задолжува за комотно да владее и сака со закон да го легализира корумпирањето на медиумите, а истовремено се подготвува да ја отстапи власта! Колумна на Зоран Јордановски.

https://p.dw.com/p/1JMIx
Фотографија: picture alliance/dpa Themendienst/C. Seidel

„Ние сме лудаци, трошиме за чоколади а немаме ни за леб“ – не верувам дека кога беше кажана оваа реченица, оној што спонтано ја изрече воопшто бил свесен за нејзините историски димензии. Оти таа ќе остане засекогаш како симбол за еднодецениското владеење на ВМРО ДПМНЕ на Никола Груевски, деценија на криминал и корупција, деценија на расфрлање со пари и крајна неодговорност и во однос на сегашноста, како и во однос на иднината на сопствениот народ. Тој изблик на самокритика изгледа инцидентен, оти криминалните поведенија одамна излегоа на виделина преку снимките од прислушуваните разговори, а тоа не ги наведе актерите на промена на однесувањето. Напротив, продолжува купувањето време по секоја цена - речиси и во буквалното значење. Продолжува лудоста.
Со решение на владата, за кое јавноста дозна дури кога тоа беше објавено во Службен весник, Македонија ќе се задолжи со 650 милиони евра, во исто време во кое се укинува финансиска поддршка од ЕУ во износ од десетици милиони евра. Овде намерно го оставам настрана прашањето колкава вредност и значење има буџетот, ако се нужни корекции од толкав обем. Нешто друго ме копка. Со дел од тие пари веројатно натамошно ќе бидат корумпирани добар дел од граѓаните преку апсолутно непродуктивни вработувања во јавниот сектор и преку зголемување на плати и пензии. А тие се сепак ситните профитери од лудоста, големите пари вообичаено завршуваат на други сметки.

Колективно лудило

Велат, паметниот се учи на туѓите грешки. Ако од политиката тоа не можеме да го очекуваме, каков заклучок тогаш може да се изведе дека тој добар дел од македонските граѓани и од пензионерите, при сите поучни примери во Европа, не го крева гласот против прекумерното задолжување што кревката македонска економија не може да го поднесе и да го отплати?! ЕУ им помага на своите членки кои западнаа во должничка криза, но цената на таа помош е осиромашување на населението, во Грција речиси и до преполовување – а најпогодени се токму пензионерите. Згора на се`, Македонија ја нема ЕУ за да ја прифати под чадорот за спас.
Иако ми е разбирливо дека многумина пензионери се радуваат на покачување на пензијата од која ги издржуваат и своите возрасни невработени чеда, сепак не можам да сфатам - не ли им е јасно дека тоа некој на крајот ќе мора да го плати?! Тој некој се тие самите и нивните деца. Наместо, на пример, здружението на пензионери само да ја фали владата за покачувањата на пензиите, подобро и за самите членови ќе беше да бара овозможување на економски пораст што би продуцирал нови, продуктивни вработувања. Тоа би го полнело и пензискиот фонд, а не вложувањето во згради, фасади, споменици, панорамски тркала, галии во плиткиот Вардар кои првата наредна поплава ќе ги однесе заедно со мостовите.
Во кругот на „лудаците“ барем некој и барем во некои моменти бил свесен што се прави. По игра на случајот (или можеби сосем неслучајно?), токму оној, кому му се припишуваат зборовите со вонвременска димензија, е прв кој го напушти бродот што тоне. Но, со оглед на тоа колку (малку) граѓани активно ѝ се приклучија на Шарената револуција, не сме далеку од заклучокот дека е во прашање колективно лудило.

Легализирано корумпирање на медиумите

Новото огромно задолжување не го засегнува многу провладиниот медиумски простор. За тие медиуми владата ќе најде пари и без задолжување. Тие се последното на што таа би штедела. За да ја обезбеди нивната верност и беспоговорна послушност (која, може да се претпостави без голем ризик од погрешна процена, ќе биде доведена под прашање оној момент кога ќе секне дотекот на пари), владата реши на брзина да истурка закон за своето медиумско рекламирање. Со тоа легално се бетонира нивното корумпирање, кое трае веќе со години. Лудило!
Зошто владата да се рекламира во медиумите? Таа не е претпријатие. Таа има други, некомерцијални начини за да ја убеди јавноста во „квалитетот“ и конкурентноста на својот „производ“ – почнувајќи од прес-конференции, преку јавни настапи на нејзини претставници, учество во тв-дебати, па се` до одговори на пратенички прашања во собранието. Конечно, ефектите од нејзиното работење директно ги засегаат граѓаните и ниедна реклама не може повеќе да ги убеди од она што го чувствуваат врз својата кожа.
Собранието (а не владата), како основач на јавниот радио-телевизиски сервис, мора да се погрижи за стабилен начин на негово финансирање, за тој да биде информативен сервис на граѓаните, неподложен на влијание од извршната власт. Затоа, пак, рекламниот простор во програмата на јавниот сервис мора да биде строго регулиран и ограничен, оти сите други медиуми мора да дејствуваат комерцијално, врз пазарен принцип, како што е вообичаено во светот. Тогаш пазарот ќе регулира која од телевизиите (првенствено за нив станува збор, како највлијателни медиуми) колку ќе освои од вкупниот волумен на средства за реклами што го издвојуваат фирмите во Македонија.
Во такви услови пазарот јасно ќе покаже дека во Македонија нема потреба од толку телевизии (и весници, и интернет-портали) кои во информативниот дел емитуваат речиси до збор (и во слика) идентични информации. Борбата за опстанок и конкуренцијата од еден независен јавен сервис ќе ги принуди на натпревар во квалитет на понудените информации. Од тоа ќе профитираат граѓаните, општеството - но не безусловно и владата. Тука е болката! И тоа не е болка само на оваа влада (независно од тоа кој седи во неа, а кој вистински ја води), туку и на оние кои ги предводеше сегашната социјалдемократска опозиција. Тие впрочем и го почнаа креирањето на медиумите според свој терк и за свој интерес; сега само го жнеат она што го посеаја.

Кој да му стави крај на лудилото?

Во време на лудило е логична и следнава (привидна) контрадикција: владата енормно ќе се задолжува за комотно да владее и троши, а истовремено се подготвува да ја предаде власта (макар и само делумно). Оти друго рационално објаснение за законското обезвластување на министерската функција во ресорот за внатрешни работи не гледам. Но, во логиката на оние кои ги влечат ваквите потези нема противречност. Играта е јасна: огромното задолжување е во фонот на нови избори и обезбедува потенцијал за корумпирање на избирачите, а министерското обезвластување му е наменето на опозицискиот кандидат кој би го преземал клучниот ресор преку кој, како што произлегува од бомбите-снимки, било вршено големото манипулирање на изборите, како и упадите во правосудниот систем.
Уште една голема игра смислена во главите на „лудаците“. Кој и како да му стави крај на лудилото? Главниот играч – Никола Груевски, како и многупати досега, избегна соочување со претставник на меѓународната заедница кој бара отчет за спроведувањето на Договорот од Пржино и препораките на Прибе. Поучен и од отсуството на последици во поранешните такви ситуации, тој може и да ги избегнува посредниците во кризата, но нема да може да избегне да се соочи со суд, кој ќе одмери каква е неговата улога и неговиот личен придонес во игрите на „лудаците“. Тука ќе е крајот на игрите.

Jordanovski Zoran Kommentarbild App
Зоран Јордановски
Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Фотографија: DW/N. Velickovic