1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел стравува од хемиското оружје на Сирија

АТ/ дпа/ афп/ апд/ ртре31 јануари 2013

Едно од најголемите стравувања во граѓанската војна во Сирија е опасното оружје да не падне во погрешни раце. Израел по се’ изгледа затоа нападна во соседната земја.

https://p.dw.com/p/17UwK
Фотографија: dapd

Според медиумски извештаи израелски борбени авиони (на фотографијата горе е отсликан борбен џет при аеромитинг) во Сирија отворија оган врз конвој возила, кој требало да превезе оружје до радикално-исламистичките Хезболах милиции во Либан. Станувало збор за ракети за противвоздушна одбрана од руско производство, Тип СА-17.

Израел ја информирал американската влада за нападот, објави весникот „Њујорк Тајмс“ повикуваќи се на информации од службеници во американската влада. Другите медиуми информираат слично и се повикуваат на информации од безбедносни кругови и дипломати кои не сакаат да бидат именувани. Ова беше прв израелски воздушен напад врз сириска територија по 2007 година.

Израелската влада не се произнесе. Во Дамаск армијата на властодржецот Башар ал Асад пак демантираше дека бил извршен воздушен напад врз конвој и наместо тоа тврди дека при израелскиот воздушен напад бил бомбардиран истражувачки центар за воени цели во близина на главниот град Дамаск. Притоа во постројката во Џамраја биле убиени две лица, а петмина биле повредени.

Во соопштението на армиското раководсво понатаму се вели дека Џамраја е еден од многубројните истражувачки центри во земјата, кој служи за „зајакнување на отпорот и самоодбрана“. Израелските авиони навлегле во сирискиот воздужен простор на висина, на која неможеле да бидат препознаени од радарите. Ваквото толкување го негираат пак претставници на бунтовниците и велат дека бунтовниците го нападнале истражувачкиот центар. Џамраја се наоѓа во регионот меѓу Дамаск и сириско-либанската граница.

Израел постојано изразуваше сомневање дека сириското хемиско оружје во виорот на грѓанската војна би можело да падне во рацете на радикално-исламистичките Хезболах милиции или на сојузници на терористичката мрежа Ал Каеда. Во таков случај израелските политичари се закануваа со напади.

Според медиумски извештаи Израел исто така стравува дека Хезболах би можел да стекне и контрола врз високо-модерни ракети за противвоздушна одбрана од руско производство, кои потоа би можеле да бидат употребени во конфликтот со Израел.

Американскиот претседател Барак Обама пред извесен период испрати јасна порака до режимот на Асад дека ќе биде повикан на одговорност доколку не го обезбедува своето хемиско оружје или дури и го употреби. Обама ова го означи како „црвена линија“, која би можела да доведе до тоа, САД евентуално да би се вклучиле во конфликтот.

Руската влада реагираше со „голема загриженсот“. „Доколку овие информации бидат потврдени, тогаш станува збор за не испровоцирани напади врз цели во една суверена држава“, соопшти министерството за надворешни работи во Москва. Ова би било кршење на Повелбата на ОН, кое неможе да биде прифатливо“, се вели од Москва.

Руската влада исто така го повтори барањето за ставање крај на насилството во Сирија и осуди „секаков вид инервенција од странство“.