080410 Israel Atommacht
13 април 2010Без Мордехаи Вануну светот веројатно до ден денес немаше да знае ништо за тоа дали Израел навистина поседува атомско оружје или не. Вануну беше техничар при Истражувачкиот центар во Димона, сместен во пустината Негев. Во 1986 година, тој при патувањето во Австралија, му откри на британскиот печат тајни детали за израелската атомска програма. Тоа му донесе прво светска слава, но веднаш потоа и долгогодишна затворска казна. Израелската тајна служба Мосад, имено, го киднапира Вануну и го врати во татковината, каде одлежа 18 години в затвор поради шпионажа и издавање државни тајни.
„Се исплатеше...“
Неговата перцепција на настанот останува до ден денес поинаква: „Иако за тоа морав скапо да платам, сепак сметам дека беше вредно. Не станува збор за предавство, туку за изнесување на вистината. Претходно дури верував дека работиме на проект што треба да го заштити Израел од нов холокауст. Но, доколку Израелците би го искористиле нуклеарното оружје, тогаш нивните непријатели би возвратиле на тоа и би имало војна...“, појаснува Мордехаи Вануну.
Колку нуклеарни ракети има Израел?
Според неговите откритија, Израел во 80-тите години имал меѓу 75 и 200 атомски боеви глави, како и добро развиен систем на носечки ракети за нив. Доколку тие бројки се веродостојни, тогаш Израел е петта атомска сила по САД, Русија, Франција и Кина. Но, ниедна израелска влада до сега не проговорила ни збор на таа тема. Така израелскиот атомски потенцијал останува јавна тајна. Неговиот развој почнал уште во далечните 50-ти години од минатиот век, тогаш со француска помош. Иницијативата дошла од основачот на државата Давид Бен Гурион, кој бил уверен дека мора да ја штити ново основаната држава со атомско оружје. Професорот по хемија, Узи Евен, кој во тоа време бил уште млад научник при Истражувачкиот центар во Димона, се сеќава:
„Холокаустот во тоа време уште ни‘ беше многу силно присутен во свеста и сите знаевме дека мора да сториме нешто за тоа да не ни‘ се повтори. Бевме млади и полни со ентузијазам и исто така уверени дека тоа е од решавачка важност за нашата егзистенција, дека со тоа сме обезбедени дека никој никогаш нема да не’ нападне и да не’ уништи!“
Заштитничка рака
Тоа што Израел до ден денес може да ја задржи доктрината на нејаснотија околу неговиот атомски потенцијал, се должи на заштитата што ја добива од најблискиот сојузник - САД. Вашингтон, имено, успева да ги спречи сите обиди од надвор Израел да се примора да дозволи контроли од Меѓународната агенција за атомска енергија или да стане потписник на меѓународниот Договор за забрана на ширење атомско оружје. Експертите денес проценуваат дека во Центарот во Димона постојано се вработени околу 2.700 лица кои годишно создаваат од 4 до 5 атомски боеви глави.
Автор: Томас Лачан / Горан Чутаноски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска